Европскиот парламент демонстрира конкретна поддршка на евроинтегративните процеси на нашата земја, што за нас претставува сигнал за остварување на сите вредности за членство во Унијата, со надеж дека и во новиот состав на Европскиот парламент континуираната соработка ќе продолжи на сите нивоа како и досега, порача претседателот на Собранието Талат Џафери на попладневната средба во Скопје со потпретседателот на Европскиот парламент Димитриос Пападимулис од Република Грција.
Претседателот Џафери, соопштуваат од собраниската прес-служба, го информираше соговорникот за евроатлантските процеси, процесот на заокружување на ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и очекувањето на добивање датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.
Отпочнувањето на преговорите го оцени како акт на валоризација од страна на ЕУ за нашите преземени реформи и затворањето на отворените прашања со соседите, што само по себе нема да значи и членство во ЕУ, туку отпочнување на нова фаза во евроинтегративниот процес чие завршување ќе зависи од нас самите и од динамиката на преземените реформи. Во однос на соработката со Република Грција, претседателот Џафери истакна дека очекува предложената парламентарна соработка по ратификацијата на Преспанскиот договор да продолжи и со актуелниот состав на грчкиот парламент.
Потпретседателот Пападимулис искажа огромно задоволство од повторната средба, искажувајќи ја својата лична поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија. Според него, Преспанскиот договор е камен-темелник кој дава добра основа за градење чекор по чекор, на европската ориентација на земјата. Истовремено, ја искажа поддршката на политички партиите во Европскиот парламент, на Европската комисија и на Европскиот совет на овој договор како прозорец за целиот регион и неговата интеграција во ЕУ.
Тој посочи дека отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ ќе испрати важна порака до граѓаните дека ги охрабрува да продолжат со реформите.
-Во овој момент, особено е значајно секоја земја да биде поединечно вреднувања за чекорите кои ги презема и да биде соодветно наградена, како и да се испрати порака дека и покрај излегувањето на одредени земји од Унијата, сепак таа останува отворена за прием на нови земји членки, посочил Пападимулис.