Доколку Европскиот совет не одлучи позитивно и не даде почеток на преговори со Северна Македонија ќе го казни најдобриот пример од државите во регионот, рече премиерот Зоран Заев на дискусијата на Самитот за Западен Балкан на Економист, што се одржува во Скопје.
Заев истакна дека земјава веќе 15 години е во чекалницата на ЕУ и оти разбира дека некои членки се против проширувањетона ЕУ, но оти ние не сакаме веднаш членство, туку само да ги отвориме преговорите да добиеме шанса и да го трансформираме нашето општество. Нашите соседи кои се веќе во ЕУ, Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, како и Австрија, Унгарија, Италија ја искористија можноста во текот на Генералното собрание на ОН уште еднаш да нагласат дека даваат поддршка за целиот Западен Балкан особено за Република Северна Македонија да стане дел од Унијата, наведе Заев.
Премиерот нагласи дека е важно и за самата Унија да донесе позитивна одлука за Северна Македонија и истакна оти дека ЕУ ни вети дека доколку ние го исполниме тоа што го бараат од нас, тие ќе го исполнат своето ветување.
Осврнувајќи се на борбата против корупцијата, Заев рече дека има предмети што се одвиваат и оти првпат земјава покажува независност во судството и со тоа, потенцираше, се испраќа порака дека повеќе не се исплати да се биде криминалец.
-Борбата против корупцијата, независниот судски систем за нас значи подобра економија. Ако инвеститорите се сигурни дека ќе им се гарантира правда, безбедност и сигурност, нормално дека ќе бидат помотивирани да инвестираат во земјава, рече Заев.
Сепак, дополни, сеуште треба да се работи на овој план. Секогаш останува предизвик како и во самите држави членки во ЕУ како да се подобри состојбата во корупцијата и независниот судски систем.