(Видео) Помпео доживеа непријатност во Италија, новинарка му испрати парче пармезан на Трамп

Американскиот државен секретар Мајк Помпео доживеа мала непријатност за време на неговата посета на Италија.

Поточно, италијанска новинарка му подари парче пармезан на Помпео, барајќи од него да му го однесе на претседателот Доналд Трамп.

По разговорот со премиерот Џузепе Конте,  на Помпео му пришла италијанска новинарка и му подарила парче пармезан.

„Имам подарок за вас – италијански подарок. Премиерот знае за што зборувам. Ова е пармезан „реџијано“ и тоа е она што го правиме најдобро во Италија“, рекла Алис Мартинели, додека Помпео љубезно го примил парчето автентично италијанско сирење, објави „Вашингтон пост“.

Сепак, на Конте не му се допаднала целата ситуација и ја замолил дамата да се тргне.

„Јас би бил благодарен ако можете и вие да помогнете“, му рекла новинарката на Конте.

„Не грижете се, јас си работам мојата работа“, ѝ рекол Конте.

„Однесете му го на господин Трамп, ве молам, и кажете му дека го правиме од сè срце“, му рекла таа на Помпео, додека безбедносните служби интервенирале и ја тргнале од местото на настанот.

Мартинели, која работи како новинарка за сатиричниот весник „Лене“, подоцна објасни за „Вашингтон пост“ дека била таму за да ја пренесе пораката: Италијанските млекари се загрижени поради високите такси на Трамп за европските прехранбени производи, вклучително и вино и сирење, што може да резултира со загуба од милијарди долари.

„Мојот гест беше поврзан со таксите“, рече Мартинели во изјавата по телефон за „Вашингтон пост“.

Мартинели верува дека Помпео ја примил нејзината порака на добар начин.

„Се чинеше среќен поради тоа – тој се смееше цело време“, рече новинарката.

Треба да знаете
Последни објави