Во следните седмици, според грчките медиуми, се очекува да започне со работа првиот крематориум во Грција во сопственост на приватна фирма, а ќе биде отворен во областа Рицона во близина на островот Евија, jави дописничката на МИА од Атина.
Приватната компанија, потребните дозволи за работа ги добила пред една година, кога и започнале подготовките за изградба на објектот и поставување на опремата.
Кремирањето, според истите информации се очекува да чини 600 евра, а процените се дека годишно, би имало околу 10 илјади кремирања.
Иако во последните години се спомнуваше дека општина Атина ќе го отвори првиот крематориум, а веќе е одреден просторот, одредени компании во тој дел судски го блокирале процесот, па така, Грците и понатаму за кремирање заминуваа во странство, што според грчкото друштво за кремирање чини околу 2500 евра.
Најблискиот крематориум за Грците е во Софија.
Според грчките медиуми, процените се дека во изминатите години, на годишно ниво имало над 4000 случаи на кремирања на лица од Грција во бугарската престолнина.