Грција ја поддржува европската перспектива на Република Северна Македонија, согласно условите од ЕУ, а неопходно е и целосно и сеопфатно спроведување на Договорот од Преспа, вели шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, одговарајќи на прашањето на претседателот на Грчко решение, Кирјакос Велопулос.
Македонскиот јазик и неговото изучување во Грција, постоењето македонско малцинство кај јужниот сосед и европската перспектива на Северна Македонија се темите кои ги поставува претседателот на партијата Грчко решение, Кирјакос Велопулос во пратеничкото прашање до министерот за надворешни работи на Грција, а на кои Никос Дендиас писмено дава одговор, јави дописничката на МИА од Атина.
-Нашата земја ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, согласност со поставената условеност од ЕУ. Во овој контекст, неопходно е целосно и сеопфатно спроведување на Договорот од Преспа, пишува Дендиас и додава дека почитувањето на она што е предвидено во Договорот од Преспа „е неопходна алатка за да бараме Република Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски што произлегуваат од овој Договор”.
Во пратеничкото прашање, претседателот на десничарски ориентираната партија, Кирјакос Велопулос пишува дека во организација на „Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик Крсте Мисирков” ќе се воведе пилот програма за изучување македонскиот јазик преку интернет платформа со седиште во Аридеа, еднаш седмично, во периодот од средината на октомври 2019 до јуни 2020 и го прашува шефот на грчката дипломатија дали ова „претставува прекршување на националните суверени права на Грција, бидејќи содржи елементи на иредентизам”.
-Во однос на јазикот на северниот сосед, Договорот од Преспа забележува дека припаѓа на групата јужнословенски јазици и нема никаква врска со грчката Македонија и грчкото наследство од антиката до денес. Овие работи се однесуваат на соседната земја и нејзините граѓани. Околу тоа кои јазици се изучуваат во нашата земја е прашање регулирано со грчките закони. Во случај приватно здружение да се обиде да го предава горенаведениот јазик, ова тело, како и секое друго, треба целосно да ги почитува одредбите предвидени со важечкиот закон, одговара шефот на грчката дипломатија, пренесе МИА.
На прашањето на Велопулос дали министерот за надворешни работи смета дека „горенаведеното е прв чекор за зацврстување на обидите за признавање на наводно македонско малцинство во Грција”, Дендиас кусо одговара дека „како што е познато, во Грција не постои „македонско малцинство”.