Заев: Преговорите со ЕУ ни се на дофат, очекувам Бугарија и Грција да се борат за нас

Премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во Собранието изрази очекување за позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври, кога нашата држава очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Премиерот очекува Бугарија и Грција да се заложат да се реализираат аспирациите на нашата држава.

„Договорите со Бугарија и со Грција ги гарантираат идентитетските прашања. Во предвечерието сме на историска одука за почеток на преговорите со ЕУ. Тече процесот на НАТО. Работиме реално, не само да нема некакви блокади од соседите, туку очекувам од двете страни да бидат ‘адвокати’ и да се борат да добиеме позитивна одлука за почеток на преговорите“, кажа премиерот во врска со пратеничко прашање поврзано со работата на заедничките комисии за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија, а во однос на Гоце Делчев.

„Верувам дека до крај ќе ги постигаме решенијата, низ комисиите, на внимателен начин, низ досегашните факти, но ќе ги оставиме вратите отворени за идните генерации да проучуваат и доутврдуваат. Верувам ќе се изнајде решение за тоа прашање“, додаде Заев.

Тој ги информираше пратениците и за разговорот во Њујорк со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

„Обврската за спроведување на договорот останува, зборувавме за иднината, продолжуваме и со Грција да градиме пријателство и тоа да донесе и економски придобивки“, кажа премиерот.

Тој од собраниската говорница најави средба со Комисијата од нашата држава која разговара со бугарската комисија, за да се види, како што рече, дали е можно скорешно решение, а по Европскиот совет ќе се поттикнат комисиите на решенија согласно договорите со двата соседа.

„Наш интерес е членство во ЕУ и НАТО, тоа носи економски придобивки. Ако некој тргне кон блокада, план Б е да го вратиме план А. Потоа меѓу владината конференција договорите ќе продолжат да се спроведуваат. Важно е дека нема двојбеност за идентитетите, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, зборуваше во Скопје за македонски народ, тоа е нешто низ што гледаме пријателство. Низ внимателен аспект на разговорите, се обидуваме да ги разбереме и нив. Договорот се постигнува ако двете страни можат да го бранат дома, само така има пракса. Да го сочуваме достоинството, да бидеме модерни европски држави, со модерни европски народи, каде разноликоста блеска, но и меѓусебната почит“, рече премиерот Заев.

Треба да знаете
Последни објави