Заради расправии за името на државата, холивудската актерка ги забрани коментарите на нејзиниот пост на „Инстаграм“ во кој го пофали документарниот филм „Медена земја“.
Таа напиша дека филмот доаѓа од Република Македонија, што предизвика лавина од коментари дека земјата повеќе не се вика така и дека сега името ѝ е Република Северна Македонија.
https://www.instagram.com/p/B3Q05piFMXe/
Откако го тргна Република Македонија од постот, Џесика-Паркер напиша дека не зазема политичка страна и дека била само недоволно информирана и дека нејзината поента со постот била филмот да стигне до што поголема публика.
„Имаше многу дискусии за постот. Поголем дел од нив за името на државата и за она што успеав да го исчепкам од сите интервјуа и оцени што ги прочитав за овој извонреден филм. Поентата ми беше да насочам што повеќе публика за оваа приказна и исклучителен документарен филм. Не заземам политичка страна“, пишува актерката.
Поголем дел од коментарите беа со објаснување дека земјата го сменила името во Северна Македонија и дека после распаѓањето на Југославија во 1991 година, Договорот од Преспа е конечен договор за името меѓу Грција и Северна Македонија, под покровителство на Обединетите нации.
Актерката им одговорила дека ѝ е многу жал и дека по грешка напишала Република Македонија.