Изградено ново одделение за акутни состојби во Психијатриска болница-Негорци

Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со државниот секретар,  Владимир Милошев, денеска ја посетија Психијатриската болница-Негорци, во Гевгелија по повод отворање ново одделение за акутни состојби во психијатријата, во рамки на оваа јавна здравствена установа. Новото одделение е изградено од темел, на место на постојното одделение, кое беше од дрвена конструкција и во значителна мера оштетено.

„Одделението е изградено согласно меѓународни стандарди и искуства за акутно одделение, со поделба на машки и женски пациенти, посебни простории за доктор, сестри и болничари и има посебна соба за фиксација, согласно препораките на Народниот правобранител“, соопштија од Министерството за здравство.

Вкупната сума за оваа инвестиција изнесува над 11 милиони денари и е изградено по принцип клуч на рака.

Раководството на Психијатриската болница-Негорци, информираше дека во изминатиот период е извршена уште една комплетна внатрешна реконструкција на хронично одделение при што се поставени нови подови и плочки, целосно нови купатила и тоалети и извршено е реновирање на целата површина на ѕидови и тавани, при што е поставена целосно нова столарија и соларен систем за целото одделение. За оваа инвестиција беа издвоени 3.045.580 денари.

Покрај реконструктивните зафати, во изминатиот период, Психијатриска болница-Негорци се зајакна и со здравствен кадар и тоа: еден специјалист-психијатар, двајца доктори на медицина, пет медицински сестри, еден дипломиран психолог, еден дипломиран социјален работник и еден дипломиран биохемичар.

Треба да знаете
Последни објави