Лидерот на движењето „Самоопределување”, Албин Курти, кој победи на вчерашните предвремени парламентарни избори на Косово, за тиранската телевизја Топ чанел меѓу другото зборува за царинската такса кон Србија и за дијалогот со Белград.
-Ние нема да ја укинеме царината туку ќе ја замениме со принципот на репроцитет, значи царинската такса никогаш не била политика на„Самоопределување”. Јас не припаѓам на оние кои велат дека водата која доаѓа од Србија наместо едно ќе чини две евра, верувам дека критериум за здрави билатерални државни односи е реципроцитет. Србија не ги прифаќа сертификатите за производство на стоки, ниту регистарските таблички, не прифаќа ништо од Република Косово и тоа е недозволиво, изјави Курти.
Тој се задржува и на дијалогот со Србија.
-Верувам за сите нас и секако за нашето идно владеење, што се однесува до дијалогот со Србија, уште од првата недела како премиер, ќе започнам дијалог со косовските Срби, дијалог од долу па нагоре а освен тоа, дијалог за развој и интеграција, не за помирување. Србинот од Грачаница не ми направи ништо мене, помирување е кога Србија ќе ја признае независноста на Косово и ќе ни плати воена отштета, нема за што да се помируваме со Србинот од Грачаница, посочува Курти.
Тој нагласи дека уште во текот на првиот месец ќе воспостави контакти со Борел, наследникот на Могерини, кој е надлежен за надворешната политика и безбедноста на ЕУ и други високи европски претставници за да „оствари дијалог за дијалогот”.
-Дијалог со Брисел за дијалогот со Србија, со цел тој да биде добро подготвен, но во првиот месец ќе направиме и биланс на 33 договори потпишани со Србија од 2011 до 2017 година. Шестгодишниот дијалог не е многу јасен, не се знае што е спроведено, зошто не било спроведено и какво било влијанието и суштината на овие договори врз животот на косовските граѓани. После тоа ќе го составам преговарачкиот тим и со опозицијата, самиот јас ќе го предводам преговарачки тим и ќе додадам барања за Србија, вели Курти.
Тој е убеден дека идниот дијалог ќе биде многу поцврст, ќе биде транспарентен и нема да се одвива настрана од народот или зад него.