Централен региостар за да ја впише „Дрисла“ повторно во владение на Град Скопје потребна е правосилна судска одлука, му напиша директорката Марија Бошковски – Јанковска на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, откако овој синоќа во „Топ Тема“ побара оставка од неа и од службениците , бидејќи, според него, бизнисот со депонијата го водел Мијалков.
„Со овој демант сакаме да ја прикажеме вистинската слика во врска со постапката по поднесено барање за промена од страна на Град Скопје и преобразбата на Друштвото со ограничена одговорност ‘Дрисла’ во Јавно претпријатие.
Не се јасни причините поради кои градоначалникот неосновано го критикува Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Носењето ‘храбри’ одлуки со кои се кршат законите за што се сноси и кривична одговорност не е одлика на оваа власт, а за истото да не се случува се боревме со години заедно со градоначалникот Шилегов.
Во случајот со ‘Дрисла’, градоначалникот во име на Град Скопје бара од Централниот регистар незаконски да постапува и истовремено се заканува со одговорност. Кривична одговорност е предвидена во Кривичниот законик поради неспроведување и непостапување по правосилна судска пресуда. Меѓутоа за да има одговорност за директор и сите лица правници-овластени лица за регистрација во Централниот Регистар кои секојдневно носат одлуки, е невозможно.
Политиката не може да биде пред правото.
Господинот Шилегов треба да го знае тоа повеќе од другите затоа што е правник –адвокат по професија, а во периодот пред да биде именуван за градоначалник имаше добра соработка со Централниот регистар.
Имено, пред поднесувањето на уписот на промена, со градоначалникот беа одржани повеќе состаноци на кои беа изнесени ставовите согласно законските одредби од Закон за трговски друштва, Закон за едношалтерски систем и Закон за јавни претпријатија, како и законските бариери за постапување позитивно по истото.
Од Централниот регистар беше укажано дека донесената Одлука на Советот од Град Скопје на која градоначалникот се повикува, а со која се поништува донесената Одлука во 2013 година за преобразба на јавното претпријатие во Друштво, како и Одлуката за избор на приватен партнер/содружник, не е доволен законски основ за упис на промената во трговскиот регистар.
Согласно одредбите од член 32, 34 и 35 од ЗЕШС и член 92 од Закон за трговски друштва, Централниот регистар постапува само по поднесена пријава од лице овластено со закон за поднесување на истата. Согласно член 107, 108 и 109 од Закон за трговски друштва, Централниот регистар е должен по службена должност да изврши упис на промена на податок кога тоа е утврдено во правосилна судска одлука.
Од страна на Централниот регистар беше побарано и стручно мислење од професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски кој е експерт во областа Управно право и истото Ви го испраќаме во прилог.
Покрај горенаведените укажувања и мислења, Градот Скопје преку адвокатот Сашо Бузлиев поднесе Пријава за упис на промена, од Друштво со ограничена одговорност во Јавно претпријатие врз основ на донесената Одлука и прилог Пресуда во која нема задолжение за Централниот регистар, односно истата се однесува за поништување на Одлуката за избор на концесионер на Град Скопје.
По истата согласно член 39 од ЗЕШС, Централниот регистар постапувал и донел Решение со кое барањето за упис се одбива, претходно разменувајќи мислења со сите овластени лица за регистрација кои се стручни, професионални и независни во одлучувањето, а не неспособни како што градоначалникот изјавува.
Во член 4 од Законот за јавните претпријатија постои законски основ да се изврши преобразба на јавно претпријатие во Друштво, но не и обратно како што бара градоначалникот. Ниту пак во Законот за трговски друштва се предвидени законски одредби кои дозволуваат преобразба/трансформација од ДОО во ЈП.
За било која институција да постапува по поднесено барање, не е доволна само Одлука од Советот на Град Скопје, туку и законски основ за постапување.
Централниот регистар не е институција која може да врши поништување на уписи, тоа е работа на судовите. Затоа го повикуваме и охрабруваме градоначалникот на Град Скопје да поведе постапка за ништовност на упис пред надлежниот суд, за која има законски основ.
Во моментов предметот заедно со жалбата од Град Скопје се наоѓа пред одлучување кај Комисијата за жалби, која е надлежна да одлучува во втор степен. По добивањето на Решението од Комисијата за жалби, Централен регистар ќе постапи согласно насоките од истото.
Во институцијата која ја водам нема да дозволам да се носат одлуки под притисок на било кој па ниту од лицата кои градоначалникот ги споменува.
Навредите кои градоначалникот ги упати кон вработените во Централниот регистар се недолични за лице кое врши таква функција, а воедно е и адвокат со долгогодишно искуство. Поради тоа бараме јавно извинување преку медиумите до директорот и овластените лица за регистрација кои вчера беа мета на неоснован напад од негова страна.
Со почит, Марија Бошковска – Јанковски, директорка на Централен регистар“.