Германските власти соопштија дека нападот со камионот кој се случи синоќа во Лимбург, се истражува како терористички акт. Инцидентот се случи во Германија, кога маж (32), со потекло од Сирија украде камион, удри со него во осум возила додека чекале на семафор и притоа повреди осум лица, пренесе „Би-би-си“. Мажот е приведен, а утврдено е дека тој од 2015 година живеел во Германија. Истражителите велат дека инцидентот ќе се третира како терористички акт, иако министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер претходно денеска рече дека не може да каже како е квалификуван настанот. Сопственикот на украдениот камион изјави за локалните новинари дека бил извлечен од возилото, а претходно бил присилен да ја отвори вратата. Сведок на настанот, Бетина Јаслеј вели дека разговарала со напаѓачот кој исто бил повреден по настанот.
„Му течеше крв од носот, рацете му беа крвави, а фармерките искинати. Рече дека го боли целото тело, а кога го прашав за името ми се претстави како Мухамед“, раскажува таа.
Најсмртоносниот терористички напад во Германија се случи во декември пред три години, кога маж со камион влета во метежот на Божикен базар во Берлин и притоа усмрти 12 лица