„Со ум во антикорупциски бум” е мотото врз основа на кое ќе се подготвува петгодишната Национална стратегија за борба против корупцијата.
Имаме тешка борба пред нас и не е само Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) таа што треба да се бори против корупцијата, одговорноста е на сите граѓани во оваа држава, порача претседателката на Антикорупција, Билјана Ивановска.
На денешната работилницата за изработка на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси таа потенцира дека е потребно да се јакне свеста кај луѓето дека никој никому ништо не должи, но и да се јакне совеста кај одговорните луѓе дека никој за ништо не им е должен.
– Сведоци сме на голем број закони, дизајнирани на начин што не обезбедува соодветна заштита на јавниот интерес. Но, сведоци сме и дека постојат законски одредби кои предвидуваат решенија за заштита на интересот на граѓаните, но се случува тие што треба да ги применат да бараат начин како да не ги применат, повторно со цел да задоволат интереси на одредени групи, рече Ивановска.
Таа најави дека во наредните два месеци, заеднички со одговорни лица од повеќе државни институции, граѓански здруѓенија, медиуми и други учесници, ќе се бараат решенија, како „да се ослободиме од цврстата коруптивна мрежа што го гуши нашето општество”. Пред се ќе се утврдуваат системските слабости, ќе се предложат антикорупциски мерки кои ќе го вратат во живот системот на вредности и ќе ја покренат општествената свест, за конечно да се зачува и граѓанската чест.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери нагласи дека ДКСК игра една од клучните улоги во предводењето на процесите во борба против корупцијата. Во насока на подобрување на борбата против корупцијата, според него, се и останатите закони кои ја формират правната рамка, а тоа се законите за лобирање, за слободен пристап на информации од јавен карактер, за финансирање на политичките партии и за заштита на укажувачите.
– Стратегиите ни помагаат да ги реализираме нашите цели и да добиеме реална слика и преглед на тоа што би било краткорочно, а што долгорочна цел. Работа има многу, справувањето со корупцијата не е процес кој се завршува со неколку месечна работа. Тоа е процес кој бара сериозна работа на сите државни органи, нивно работење со најголема транспрарентност и отчетност, но пред се, би кажал тоа е најтешкиот дел од работата, е промената на свста кај функционерите и адсминситрацијата, така и кај граѓаните, изјави Џафери.
Според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, правната држава и нулта толеранција за корупцијата е едно од фундаменталните очекувања на земјите-членки на ЕУ во пресрет на одлуката за добивање датум за почеток на преговори, но тоа е најважно за нашите граѓани.
– Доколку во минатото победнички карти на кои било избори беа некои други теми, не само овде, туку насекаде во светот, сега победничка карта за која било политичка партија, политичар, е антикорупциската политика. Очекувањата на граѓаните се такви и толерантноста на граѓаните, на демократскиот свет кон корупцијата веќе станува нула, рече Османи.
Тој смета дека одржувањето на оваа тема во јавноста ги дава резултатите, но важно е што ќе произлезе од Националната стратегија.
– Националната стратегија не смее да биде само тема за јавноста, туку се потребни конкретни механизми за воведување правна држава, како основен постулат на економскиот развој, изјави меѓу другото вицепремиерот Османи.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски истакна дека корупцијата, непотизмот и судирот на интереси во континуитет се присутни од осамостојувањето на државата, но и претходно. Тој укажа дека оваа Антикорупциска комисија почнува да изработува Национална стратегија на најдобар можен начин, преку широка јавна дебата, низ работилници и тоа е доказ, според него, дека довербата ќе биде огромна.
Во овој момент, оцени Поповски, најголемата доверба на граѓаните од аспект на справување со корупцијата и судирот на интереси, па и за организираниот криминал е во ДКСК. Изрази надеж дека ќе имаат врвни резултати и ќе помогнат во насока на справување на општестовото со ова зло.
– Не само кон антикорупциска комисија, избраните функционери мора да бидат максималнио отворени и достапни кон сите граѓани, кон медиумите, кон новинарите и нивните барања. Не станува збор само за волјата на избраните функционери. Голем е проблемот кај администрацијата која не е навикната да дава одговори и да комуницира со оние кои поставуваат прашања. Едноставно ако тој менталитет не го смениме, ќе имаме проблем. Колку сакате може да имате волја, ако внатре ве блокира системот, тоа прави големи проблеми, појасни министерот Поповски и ги повика сите што се надлежни што е можно побрзо да ги обезбедат условите за беспрекорно работење на овој состав на ДКСК, рече Поповски.
На новинарско прашање што е со скандалите и постапките за корупција против функционери, Поповски дециден дека тоа „треба така да биде”.
– Имате отворен пристап на сите функционери кон јавноста, ништо не се крие. Антикорупциска постапува. Во изминатиот период имавме тешки моменти. Во тие моменти овој состав на Антикорупциска постапуваше и кон поранешни и кон сегашни функционери. Тоа така треба да продолжи. Одговорноста е и пред законите, но и етичка и морална на оние кои прават девијации и не ги почитуваат позициите на кои се избрани, изјави Пооповски.
Тој додаде дека Владата е максимално отворена, а не случајно во сите истражувања е рангирана на врвот во регионот за транспарентност.
– Очекувам дека тој процент ќе расте. Седумдесет и осум проценти исполнети критериуми за отвореност и транспарентност, тоа е огромен резултат, пред две години бевме на последно место, изјави министерот Поповски.
Професорот Методиј Чепреганов кон сите присутни, меѓу кои најголемиот дел од Владата, им се обрати како на пријатели на совеста, на умот и на социјалната кондиција.
– Корупцијата е страст и интелектуална немоќ на заробен ум и на нарушена совест. Алчноста, страстите, во кои спаѓа корупцијата и подмитливоста во еден мал дел од тоа, и другите човечки страсти, се секогаш составен дел од психопрофилот на една лошо изградена личност. Превенцијата бара време, воспитание, образование, инкорпорација на социјални, морални, етички и духовни норми, како и спремност на личноста сите тие параметри да ги прифати, осознае, научи и применува. Тоа е процес што трае долго, а толку многу ни е потребен, им порача Чепреганов на присутните.