Желбата на Албанците да заминат од земјата е толку голема што ги помина и земјите што се во војна или во длабок граѓански конфликт, констатира весникот Монитор.
Тоа го поткрепува со фактот дека во првите шест месеци од оваа година, Албанија е прва земја во светот според поднесени барања за азил во една од земјите на Европската унија, во однос на населението.
-Во првите шест месеци од годинава, во просек 55 Албанци на секои 100.000 жители ја напуштиле земјата. Ова е највисок број во однос на земјите што се рангирани на првото место со апсолутна вредност за апликациите за азил, но секако и во однос на земјите од Западен Балкан,наведува Монитор.
Правејќи споредба наведува дека Албанија е дури пред Сирија по доставени барања за азил,според бројот на жители,бидејќи за азил аплицирале 29 Сиријци на секои 100.000 жители.
-На трето место е Грузија со 15 барања за азил, на четворото е Венецуела, додека на петто Авганистан со 10 апликации. На шестото место, во однос на бројот на населението е Косово, со девет апликации, додека зад Косово е Северна Македонија со седум барања за азил на 100.000 жители, пишува Монитор.
Весникот и со податок дека во периодот јануари – јули за азил, во некоја од земјите членки на ЕУ аплицирале 14.000 албански граѓани, што е за 24 отсто повеќе споредно со истиот период лани. При тоа околу 90 отсто од апликациите се за првпат, додека „има и такви кои не се откажуваат од намерата и се обидуваат повторно да ја испробаат среќата”.
-Најмалку по околу 2.000 лица месечно ја напуштиле земјата во седумте месеци од оваа година. Ова е само бројката што се регистрира, бидејќи има многу други кои избираат тивко да заминат, не аплицирајќи за азил и не кажуваат дека немаат намера да се вратат. Тука секако не се оние кои со обезбедена работа и дозвола за престој замнале во земјите на ЕУ, го завршува Монитор освртот за се поголемот број албански граѓани кои ја напуштаат земјата.