Бојан Јовановски (Боки 13) е вратен во притворот во затворот во Шутка, откако денеска колабираше за време на давање на исказот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција пред обвинител за предметот „Рекет”, во кој тој е првоосомничен.
Директорот на затворот „Скопје”, Есад Рахиќ за МИА потврди дека Јовановски е вратен во притвор по укажаната лекарска помош во ГОБ „„8 ми Септември”.
Бојан Јовановски попладнево на носилка беше изнесен и со возило на брза помош и полициска придружба замина од Обвинителството.
Неговиот адвокат Сашо Дуковски изјави дека Јовановски колабирал и не бил контактибилен.
– Се случи непријатна сцена, она што се случува последните 40-50 дена, односно од кога е притворен. Почна да повраќа и колабираше, не беше котактибилен. Повикана е Брза помош и однесен е на понатамошна опсервација, не знам во која клиничка болница дали во „8 Септември”, рече Дуковски.
Тој посочи дека има мислење од Клиниката за торакална хирургија дека е неопходна хоспитализација на Јовановски заради целокупната здравствена состојба.
Дваесеттина минути по доаѓањето на Јовановски, во Обвинителството пристигна медицинската екипа и тој беше однесен во ГОБ „8 Септмеври”.
Освен Јовановски, во случајот „Рекет” се осомничени и Зоран Милевски-Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.