Ракометарите на Еурофарм Работник поразени се од Мешков Брест со 31:22, полувреме 19:12 во СЕХА лигата, но празот е во сенка на денес промовираната Платформа за ракометна Битола која в четврток се очекува да биде изгласана од Советот на Општина Битола.
Тимот на битолските „фармацевти” поладнево во Белорусија играше без најефикасните бекови Стјепановиќ и Јотиќ кои се повредени, но и неорганизрано во нападот и посебно во одбраната што резултираше со пораз од 9 голови во корист на домашниот Мешков Брест кој доколку голманот Николче Митревски не регистрираше 13 одбрани, тогаш ќе оствараше поголема победа.
Битолската и македонската спортска јавност е насочена кон претстојната стратешки важна одлука и најавеното спојување на РК Еурофарм Работник и РК Пелистер кое треба да биде официјализирано овој четврток на седница на Советот на Општина Битола и според одлуката битолчани на меѓународната ракометна сцена во иднина ќе настапуваат под името Еурофарм Пелистер, додека во националното првенство ќе настапуваат под името Еурофарм Пелистер-2.
Попладнево со соопштение се огласи и компанијата Еурофарм од каде информираат дека се залагаат за реализација на Договорот со Општина Битола за уредување на капиталната и управувачка структура на ракометниот клуб Пелистер.
-Нашите залагања и желба за реализација на „Платформата за ракометна Битола” беа основна цел со која влеговме во преговорите, а сето тоа да биде на задоволство на сите љубители на ракометот во Битола. Нашиот град оваа ракометна сезона е на картата на ракометна Европа каде што нашите клубови заслужуваат свое место и резултати кои ќе се паметат, нагласуваат меѓудругото во соопштението до спортската и општата јавност од Еурофарм.