РК Еурофарм Работник се подготвува за прва историска победа во европската ракометна Лига на шампиони, без притоа да се потцени шампионот од Финска, РК Кокс, најави тренерот на Стевче Алушовски во пресрет на неделниот натпревар во Битола.
Еурофарм Работник и Кокс прв пат ќе играат меѓусебен дуел, а битолчани ќе настапат значително ослабени, без повредените Никола Марковски, Невен Стјепановиќ и Ловро Јотиќ, и затоа посочи Алушовски потребна е поддршка од публиката.
-Финскиот ракомет не е дел од европскиот „ракометен крем” но ние Кокс нема да го потцениме, нити прецениме. Денеска сите вложуваат во спортот, и ако не бидеме сериозни тогаш ќе наидеме на проблеми. Во оваа сезона Кокс игра променливо, но анализата ни посочува дека в недела треба да одиграме борбено и да се радуваме на првата историска победа во ракометната Лига на шампиони, истакна Алушовски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Кокс се игра в недела од 17:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски” во Битола.