Францускиот претседател Емануел Макрон в недела ќе биде домаќин на работна вечера со германската канцеларка Ангела Меркел, на која се очекува да се разговара и за одбивањето на Париз да се согласи да даде „зелено светло“ за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Вечерата пред се е закажана како подготовка на заедничката владина седница на двете земји што в среда треба да се одржи во францускиот град Тулуз. На оваа средба неодминлива ќе биде и темата за отворање преговори со двете држави-аспирантки, прашање што, според германската новинска агенција ДПА, ги доведе Париз и Берлин на спротивни страни.
Последната шанса за промена на францускиот став се очекува да биде токму средбата меѓу германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон.
-Се надеваме дека Париз уште еднаш ќе размисли за својата позиција и дека нема да дозволи да биде изолиран во Европа од внатрешно-политички причини, вели дипломат во Брисел.
Тој смета дека францускиот државен врв го одбива почетокот на преговорите од страв дека од тоа ќе профитираат десните популисти на Марин Ле Пен.