Бројот на настрадани од тајфунот Хагиби во Јапонија нарасна на 40, додека екипите за пребарување и спасување продолжуваат да трагаат по 17 исчезнати во областите од централниот и источниот дел на земјата. Во ударите на тајфунот се повредени најмалку 180 лица, а околу 38.000 лица се евакуирани од своите домови, наведува агенцијата Кјодо.
Хагиби на островот донесе рекордни количества дождови, заради што за само 48 часа се излеаја дури 20 реки. Американските медиуми пренесуваат дека спасувачките екипи ги пребаруваат подрачјата околу надојдените реки и свлечишта во потрага по исчезнати, а властите предупредуваат дека се можни нови врнежи.
Тахфунот Хагиби предизвика големи налети на дожд и силни ветрови во текот на викендот, кога беа поплавени и оштетени повеќе илјади домаќинства, а голем дел од главниот остров остана без струја.
Премиерот Шинзо Абе кажа дека владата ќе формира посебен тим за катастрофи.
-Нашиот одговор мора да биде брз и примерен, рече Абе , нагласувајќи дека многу лица се исчзанати, а штетите се големи.
Властите соопштуваат дека 60.000 домови во Токио и околните префектури се уште се без струја, а железницата соопшти дека железничкиот сообраќај е ограничен на градовите Нагано и Токио.