Кабинетот на премиерот на Австралија погрешно испратил доверливи теми на разговори до медиумите, во обид да ги подготви пратениците за продолжување на работата на парламентот.
Наместо да испратат доверливи теми до своите членови на парламентот, испратен е внатрешен документ до новинарите и медиумите низ целата земја, вклучително и Ксинхуа.
Осврнувајќи се на повеќе теми, како порастот на барателите на азил, оданочувањето, конфликтот во Сирија, Парискиот договор и за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, имејлот им нуди на политичарите стратешки одговори на тешките прашања кои можат да им ги постават новинарите и опозициските пратеници.
Во документот кој содржи 8.200 зборови се вели дека доколку бидат запрашани за извештајот на Меѓународниот монетарен фонд во кој се наведува дека Австралија можеби нема да ги исполни своите цели во 2030 година, пратениците се замолени да изјават: ,,Ние ќе ја постигнеме нашата цел без да наметнеме данок на емисијата на јаглерод диоксид, а кога Лабуристите ќе бидат во владата и ќе воведат данок на емисиите на штетни гасови, цените ќе се зголемат и ќе има ризик да се преместат работни места надвор од земјата“.
Во друг дел од документот, се сугерира дека членовите на партијата стравуваат од експлоатација на австралиските работници откако неодамна официјалната статистика потврди дека рекорден број баратели на азил пристигнале во Австралија во текот на изминатите пет години, наведувајќи дека „експлоатирање на кој било работник во Австралија е нешто за коешто ќе имаат нула толеранција“.
Иако премиерот Скот Морисон сè уште не се огласил за протекувањето на доверлив документ, јавниот обвинител Кристијан Портер ја минимизираше грешката, велејќи „вакви работи се случуваат од време на време“ во светот на современата политика, пренесува Ксинхуа.