Анѓушев и Макрадули во РЕК Битола: Извршени низа на реформи во енергетскиот сектор, заштедите на ЕСМ ги насочуваме во обновливи извори на енергија и заштита на животната средина

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, заменикот министер за животна средина и просторно планирање м-р Јани Макрадули, директорот на ЕСМ м-р Васко Ковачевски и градоначалничката на Битола м-р Наташа Петровска, го посетија најголемиот енергетски капацитет во Северна Македонија, РЕК Битола, каде остварија средба со менаџментот на енергетскиот капацитет, при што разговараа за актуелните состојби во комбинатот, како и за ново најавената мерка за замена на грејни тела со инвертор клими, која ќе се реализира со финансиски средства од заштедите на ЕСМ.

 

Вицепремиерот Анѓушев подвлече дека во изминатите две и пол години се направени значајни реформи во енергетскиот сектор: со донесување на новиот Закон за енергетика се овозможи зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, а домаќинското управување со енергетските капацитети создаде значителни заштеди на ЕСМ, кои се насочуваат кон поквалитетен живот на граѓаните во Северна Македонија.

 

„Во досегашниот дел од 2019 година, РЕК Битола ги натфрли предвидувањата за производство на електрична енергија за 15%, тоа е потребно и добро, затоа  што зголеменото производство на РЕК ќе го надомести намаленото производство на хидро електраните,  кои зависат од хидрологијата, а таа оваа година не ги исполни очекувањата. Она што е уште поважно е дека цената за произведен киловат час електрична енергија е пониска за над 10% од очекуваната и изнесува 2,35 денари за киловат час, а ако вкупното производство се помножи со цената за киловат час, РЕК Битола има заштеда од околу 10 милиони евра, додека вкупните заштеди на РЕК достигнуваат до 13 милиони евра. Во исто време,

 

 

потрошувачката на мазут која претходните години беше помеѓу 30-35 илјади тони на годишно ниво, се очекува оваа година да не надмине 10 илјади тони. Со домаќинско работење направени се значителни заштеди во РЕК Битола и целото Електростопанство на Северна Македонија“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

 

 

Вицепремиерот истакна дека цените на енергенсите се стабилни, цената на електричната енергија остана иста, со  тоа што беше воведена и  дневната евтина тарифа, која носи бенефит на граѓаните од 8 до 11 милиони евра на годишно ниво. Тој дополни дека во исто време падна цената и на топлотната енергија, со  одлуката на Владата да се намали ДДВ од 18% на 5% за овој вид на енергија, а трошоците за пренос на гасот се исто така намалени.

 

„Во претходните десет години цената на електричната енергија беше покачена за над 70%, додека овие две и пол години остана непроменета. И покрај тоа што цената остана иста, со домаќинско работење на ЕСМ, компанијата успеа да оствари акумулиран профит од над 40 милиони евра и речиси двојно повеќе ликвидни средства. Дел од овие средства ќе бидат насочени кон граѓаните и тоа кон оние во најзагадените градови во Републиката. Тоа се подразбира и за Битола, како и за Тетово, Кичево и Скопје, како најзагрозени градови, со субвенционирање за набавка на инвертор клими, со замена на грејни тела кои користат фосилни горива“, рече Анѓушев.

 

Вицепремиерот потенцираше дека Владата е посветена на зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори, при што напомена дека набрзо ќе започне со изградба фотоволтаична електрана на местото на стариот рудник Осломеј со инсталирана моќност од 10 мегавати,  дополнителни 10 мегавати инсталирана моќност како инвестиција на ЕСМ, а следува и изградба на две фото напонски електрани од по 50 мегавати на истата локација, на принцип на јавно приватно партнерство. Дополнително се планира изградба на фото волтаични електрани и во рамките на РЕК Битола, а  веќе е во процедура изградбата на фотоволтаици со инсталирана

 

 

моќност од 62 мегавати на државно и приватно земјиште, врз основа на јавен повик. Ветерниот парк во Богданци ќе биде надграден со дополнителни 16 мегавати,  а во план е и јавен повик за изградба на хидро централата Чебрен, со што се очекува во наредниот период производството на електрична енергија од обновливи извори да се зголеми за дополнителни 350 мегавати инсталирана моќност.

 

Заменикот министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. изјави дека околу 2500 домаќинства во Битола ќе бидат во можност да ја искористат мерката за субвенционирање на набавка на инвертор клими, со што значително ќе се придонесе на намалување на загадувањето.

 

„Има една кампања на светската здравствена организација која вели: Секој да се пробуди наредниот ден и да не биде мета на загадувањето. Ова што Владата во соработка со ЕСМ го прави е токму тоа, над 10.000 семејства да не бидат мета на сопственото загадување. Во Битола ќе интервенираме и во едно основно училиште со замена на начинот на затоплување, една градинка и две основни училишта се дел од планот за енергетска ефикасност. Околу 80-85% од домаќинствата во Битола се загреваат со фосилни горива, граѓаните се разбира не сакаат да загадуваат, некогаш не може тоа да го направат од економски причини и токму затоа Владата помага со субвенционирање на набавката на инвертор климите “, покасни Макрадули.

 

Генералниот директор на ЕСМ, Ковачевски нагласи дека компанијата сериозно е вклучена во оваа акција на Владата. ЕСМ преку акумулираните заштеди ги намени 10-те милиони евра потребни за финансирање на инверторите, таа одлука веќе помина на Управниот одбор на компанијата, наскоро треба да помине и на Надзорниот одбор и со тоа буџетот е и формално – правно обезбеден.

 

„Истовремено подготвуваме информативна акција или кампања во јавните гласила за да ги информираме граѓаните дека ќе почне, односно дека почна пријавувањето и дека сме го објавиле повикот. Повикот ќе се однесува и за

 

 

граѓаните кои ќе сакаат да купат инвертори, но и за фирмите продавачи, кои треба да се пријават дека имаат инвертори со тие стандарди кои се побаруваат“, посочи Ковачевски.

 

„Во оваа прилика се потврдува посветеноста на Владата да рабоати во интерес на граѓаните во општините од државата, со тоа што голем дел од средствата ги префрла токму во општините“, кажа градоначалничката на Битола Наташа Петровска и додаде дека оваа акција има повеќекратен бенефит, не само како заштитна мерка за животната средина, туку и како мерка која директно ќе влијае врз трошоците на семејствата.

 

„Поддршката од Владата верувам дека ќе продолжи и следната година, затоа што општината ја подготвува проектната документација за гасификацијата, па се очекуваат и субвенции во таа насока“, нагласи Петровска.

 

Треба да знаете
Последни објави