Српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со информациите дека во Косово постои можност да се укине Српската листа, предупреди за многу лош развој на настаните и ги повика западните партнери и Приштина да „се вразумат” со цел да се избегне катастрофа.
– Јас сум многу загрижен за ситуацијата во Косово, особено во врска со обидот на Албанците да донесат одлука за укинување на Српска листа, изјави Вучиќ на средба со претседателот на Советот на федерацијата на федералното собрание на Руската федерација, Валентин Матвијенко.
Тој истакна дека Српска листа е партија која добила 96 проценти од гласовите на косовските Срби и дека ја имала поддршката од Белград.
Вучиќ нагласи дека во Приштина измислиле некаква приказна за труење со поштенски пликови од Србија и дека членовите на ЦИК се отруени, а ниту еден српски член на ЦИК не е отруен.
– Сега, тие веќе не се сигурни дека се отруени, не знаат што да измислат, но наведуваат дека треба да се укине Српската листа, посочи Вучиќ.
Според него, тоа ќе има катастрофални последици за односите меѓу Србите и Албанците.
– Србите тогаш повеќе нема да бидат во институциите, а се знае кога не се во институциите, како ќе морат да се заштитат и да ја чуваат својата слобода и огниште, рече Вучиќ.
Пред оваа изјава, српскиот претседател говорејќи за ТВ Пинк за можноста за продолжување на дијалогот со Приштина, кажа дека прво треба да се формира новата Влада на Косово и оти се надева дека ќе има доволно мудрост да се постигне компромис.
Тој ги критикуваше изјавите на победникот на изборите во Косово, Албин Курти, дека не е можно да се разговара за поделба, додавајќи оти Приштина треба да се спушти на земја затоа што не е Вашингтон.
Вучиќ истакна дека секоја евентуална одлука за доделување на министерско место во идната влада на Косово на некоја српска партија што не е во Српската листа, ќе биде спротивно со интересите на српскиот народ на Косово и оти ќе следи реакција која ќе има поддршка од Србија.
– Ова го доведува во прашање и го става во опасност и Бриселскиот договор … Ако Србите ги напуштат институциите, тогаш што ќе направите? Да воспоставите окупација, да испраќате сили во секое српско село? Ќе бидете во можност, но само до некаде, рече Вучиќ.