Влада: 170 компании ќе добијат финансиска поддршка преку програмите на Планот за економски раст

Редовната 159-та седница на Владата се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.

 

На седницата присуствуваа, и во нејзината работа учествуваа и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар, а министрите во Владата реферираа за активностите на секој од ресорите во пелагонискиот регион, особено во делот на патната и комуналната инфраструктура, како и за напредокот во изградбата на примарниот гасовод на потегот Неготино-Прилеп-Битола.

 

Ресорните министри во Владата на Северна Македонија информираа и за актуелните проекти во здравството, заштитата на животната средина и социјалната заштита, како и за оние во културата и локалниот економски развој.

 

На прашањата и предлозите на градоначалниците за нивните иницијативи за кои очекуваат поддршка од Владата, премиерот Заев истакна дека вложувањето во овој регион ќе продолжи со уште поголем интензитет за директни придобивки за граѓаните.

 

На оваа своја седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за склучување Договори за доделување финансиска поддршка на 170 компании, вклучувајќи и компании од трговско-индустриските зони и една од дијаспората, преку програмите на Планот за економски раст. За оваа финансиска поддршка евалуирани се реализираните инвестиции за 2018 година, а се однесува за инвестициски вложувања за набавка на нови машини и опрема и за инвестиции во објекти и земјиште.

Финансиската поддршка од оваа програма преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, се доделува за реализирани почетни или дополнителни инвестиции неопходни за дејноста, до 10% од реализираната инвестиција, и не повеќе од 1.000.000 евра. Средствата за оваа намена се предвидени во Буџетот за 2019 година.

 

Вкупната вредност на инвестициите во овие 170 компании изнесува 230 милиони евра, со што се отвораат 4577 нови работни места, од кои во 2018 година се веќе вработени 2117 лица.

Треба да знаете
Последни објави