Руските власти денеска извршија претреси во неколку простории на организацијата против корупција на опозиционерот и противник на Кремљ, Алексеј Навални. Рускиот Истражен одбор соопшти дека претресите се однесуваат и на домовите на вработените во организацијата во околу 30 региони низ земјата, додавајќи дека се замрзнати неколку банкарски сметки на организацијата „Фонд за борба против корупција” на Навални.
Рускиот опозиционер ги осуди претресите кои се трети по ред во последните неколку недели. Властите во септември претресоа околу 200 простории и домови на организацијата во околу 40 градови низ Русија.
Навални, кого руските државни медиуми го игнорираат, а шефот на државата Владимир Путин никогаш не го споменува, најголема популарност доби на социјалните мрежи пренесувајќи ги своите извештаи за борбата против корупција.