Подобрување на условите за живот на слепите и слабовидните лица, изградба на Дом за стари и изнемоштени слепи лица и на Национален центар за рехабилитација на слепи лица каде ќе можат постојано да престојуваат, да учат занимања, Брајово писмо, компјутери, говорни програми, јазици, тактилни патеки за полесно движење, побараа денеска слепите и слабовидните лица во Македонија, на одбележувањето на Меѓународниот ден на Белиот стап, симболот на слепиот човек, признат од ОН. Генералниот секретар на Националниот сојуз на слепите на Македонија Стерја Димов изјави дека потребни се повеќе аудио книги за слепи лица и потпишување на Маракеш конвенцијата, меѓународен договор за пристапност до аудио литература за слепи лица. Најголем проблем, сметаат од Сојузот, како што рече, е неможноста за пристап до информации. Овие лица се соочуваат со огромен број проблеми. Треба многу нешта да се променат и да се преземат, вели Димов, и потенцира дека прво нешто што треба да се направи е да се почитуваат законите, кои според него, се солидни.
-Бараме рехабилитациски центар за слепи лица кој би бил под државна капа и да ги поддржува сите кои можеби подоцна го губат видот, заради тоа што ако вие не го знаете Брајовото писмо, а сте слепо лице, всушност сте неписмени. Исто така, би сакале да апелираме дека мора да се задржи постоечката структура на државен училишен центар за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид, каков што сега „Димитар Влахов” во Скопје. Мора да постои таков државен центар каде сите деца ќе го стекнуваат своето основно и средно образование. Бараме и дом за слепи лица, бидејќи многу од нив остануваат сами доколку не оформат семејство или пак немаат деца и нема кој да се грижи за нив. Едноставно нивните потреби се огромни, вели Димов.
Тој посочи дека проблем за овие лица останува и натаму движењето и во Скопје и во останатите градови.
– Потребни се што повеќе тактилни патеки. Моментално законската регулатива е солидна, но, она што треба да се направи е таа да се почитува и сите општини и територијални единици на територија на државата кога градат, менуваат или реконструираат постоечки патеки само да го почитуваат законот и да прават такви тактилни патеки. Тие не треба да бидат толку тесни да не може мало дете да се движи по нив, туку да бидат запазени светските стандарди за таа намена, истакна генералниот секретар на Сојузот.
Во Националниот сојуз на слепи има регистрирано 2.550 слепи и слабовидни лица. Тоа, појаснува, се лица кои на подоброто око со корективно стакло имаат оштетување на видот поголемо од 91 процент. Во другите држави, потенцира, бројката можеби е поголема бидејќи таму ги зачленуваат лицата со 71 процент оштетеност на видот. Оваа бројка во земјава, вели Димов, не е конечна, бидејќи членувањето во оваа организација е на доброволна основа.
Меѓународниот ден на белиот стап се одбележува во повеќе од 184 земји во светот. Земјава се придружува во одбележувањето и во тие рамки денеска Националниот сојуз на слепи лица организира тркалезна маса „Договорот од Маракеш, придобивки за лицата кои не можат да читаат стандарден печат”. Во расправата учествуваа и заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост и советник на премиерот за образование, социјална и здравствена заштита и институционален систем за лицата со попреченост Спасе Додевски.