Во рамките на есенските акции во скопските општини, ЈП „Комунална хигиена” –Скопје денеска започна генерално чистење на општината Кисела Вода. Со 30 работници на терен, три автоцистерни и две специјални комунални возила-метларки се врши рачно и машинско миење и метење на главните и на општинските улици, додека екипите на Претпријатието ги отстрануваат и дивите депонии во оваа скопска општина.
Во рамките на акцијата беа спроведени и активности за чистење на дворовите на градинките, средните и основните училишта, додека за учениците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ” беше организирано еко-предавање за правилно постапување со отпадот. Почетокот на акцијата го означија градоначалникот на општината, Филип Темелковски, претседателката на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена”, Маја Шајновска Андова, како и раководителот на Секторот за ИТ, квалитет и развој, Славко Ружиновски.