Натпреварот од квалификациската група А за ЕП-2020 во Софија, Бугарија – Англија резултатски „Гордиот Албион“ го доби лесно со 4:0. Средбата најверојатно ќе има и трето полувреме пред надлежните во УЕФА. Домашните навивачи демонстираа изливи со расистички навреди, поради што судијата на неколку пати мораше да го прекинува натпреварот. Од трибините се слушаа крици на мајмуни, а имаше и нацистички поздрави.
Скандалот со однесувањето на публиката го испровоцира и премиерот на источниот сосед Бојко Борисов, кој преку социјалните мрежи побара оставка од првиот човек на федерацијата Борислав Михајлов.
-Го повикувам Борислав Михајлов веднаш да си поднесе оставка од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Бугарија! По синоќешниот срамен пораз на националниот тим, и серијата очајни резултати, му наредив на министерот Красен Кралев веднаш да ги прекине сите односи со ФФБ, вклучувајќи ги и финансиските, се додека Борислав Михајлов не се повлече од позицијата. Исто така го осудувам однесувањето на дел од фановите присутни на стадионот. Неприфатливо е во Бугарија, која е една од најтолерантните земји во светот и каде што во мир живеат луѓе од различни етнички и религиозни припадности, да се изразуваат расистички и ксенофобични навреди – се вели во постот на Бојко Борисв на социјалните мрежи.