Со денешната аукција Министерството за финансии ќе покрие стари долгови од претходно издадени државни хартии од вредност, кои доспеваат за исплата на 16ти и 19ти октомври. Ова е редовна аукција, најавена во календарот објавен на веб-страната на Министерството за финансии и нема ново нето задолжување. Станува збор за презапишување на претходно издадени државни обврзници, од кои најголем дел се издадени пред 5 години. Во насока на стабилизирање на државниот долг, бројот на аукции сега е преполовен во однос на бројот на аукции на претходната влада и е сведен на 2 месечно – пракса од која не се одстапува.
Каматните стапки по кои се издаваат државните хартии од вредност сега се најниско историско ниво. Тие се неколкукратно пониски во однос на пред неколку години. И со оваа аукција тие се намалени за дополнителни 10 базни поени. Со ова се намалува трошокот на државата за сервисирање на долгот. Стариот долг со повисока каматна стамка се сервисира со значително пониска каматна стапка со денешната аукција на ДХВ. Што се однесува до висината на јавниот долг, на 31.12.2016 долгот изнесуваше 48,8% од БДП додека на 30.06.2019 изнесува 46,7% од БДП.