Емотивна приказна за актерите од филмот “Исправи се Делфина“ кои по 20 години се сретнаа во Битола

Битола со огромни аплуази ја поздрави Неда Арнериќ и Феѓа Стојановиќ, двајца маестрални актери кои гостуваа во Битола, со претставата “Се извинуваме, многу се извинуваме”. Легендарната Неда Арнериќ, српска и поранешна југословенска филмска, театарска и тв-глумица по подолго време се врати на сцената, но се врати и во вистинскиот живот. За оваа претстава актерскиот двоец добива бурни и долги ракоплескања од публиката ширум регионот.

– Текстот на претставата се однесува на луѓето во постари години кои бараат сродни души. Јас од своето животно искуство би порачала: “Луѓе, не се откажувајте од животот, дури и кога ви е најтешко, кога сте оставени сами, кога никому не му требате. А, тоа е само привидно. Бидејќи повторно ќе најдете некој со кој ќе го поминете остатокот од животот, со кого ќе ви биде убаво, изјави Неда.

Публиката која дојде да ја гледа Неда Арнериќ присуствуваше не само на една театарска претстава, туку и на еден емотивен чин кој предизвика солзи во очите и долги аплаузи. По иницијатива на директорката Маја Андоновска-Илијевски, иницијатива која таа ја чуваше во тајност до крај на претставата, во публиката го донесе актерот Диме Илиев кој со Неда Арнериќ пред точно 43 години играше во филмот “Исправи се Делфина”, а последна средба помеѓу двата актери се случила пред добри 20 години.

Тој излезе на сцената на крај на претставата да и подари цвеќе, емотивна средба која публиката ќе памети секогаш. Во салата имаше и прекрасна публика, полна сала што е невообичаено за во недела навечер и за еден продолжен викенд, што само зборува дека Битола знае да почитува убави настани.

Во доцните вечерни часови, двајцата актери во придружба на своите домаќини посакаа да го прошетаат и Широк сокак, а потоа во Белата куќа, вкусија македонски специјалитети посебно подготвени за гостите.

Фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави