Мораме да ги почитуваме човековите права, но истовремено да го заштитиме и чувството на безбедност на грчките граѓани и државата, рече алтернативниот министер за миграциска политика во Министерството за цивилна заштита, Јоргос Кумуцакос, говорејќи на “Третиот самит за одржливост за југоисточна Европа и Медитеранот” во организација на “Економист” и истакна дека “за четири месеци за околу 200 отсто е зголемен бројот на пристигнувања на бегалци и мигранти, па сега ситуацијата има карактристики на мини криза”, јави дописничката на МИА од Атина.
-Новата влада, во нејзини раце ја има следната реалност: затворен систем на бранови, бидејќи е затворена балканската рута на северната граница, а отворена источната граница. Исто така се преземаат центри за прием и идентификација, навистина во ситуација на преплавеност: 100 проценти во Мориа, 500 отсто повеќе на Самос и слични бројки во сите центри, особено на островите. Рече Кумуцакос додавајќи дека има нула враќања во рамките на договорот ЕУ-Турција и 75 илјади неразгледани барања за азил.
Алтернативниот министер надлежен за миграциска политика говореше и за мерките што ќе ги преземе грчката Влада за справување со миграциското/бегалското прашање.
-Мораме да ги почитуваме човековите права, но во исто време мораме да го почитуваме и да го штитиме најважното добро, односно чувството на безбедност за грчките граѓани на локално или национално ниво и на земјата, истакна алтерантивниот министер задолжен за миграциска политика.
Кумуцакос рече дека предизвикот за нив како влада е целосно да се имплементира заедничката изјава ЕУ-Турција, да се зголемат враќањата, а Турција да ги искорени мрежите на криумчари.
На панел дискусијата посветена на миграцијата и безбедноста во Медитеранот и можни решенија, говореше и основачот и претседател на швајцарската Фондација Андан, Кристиан Калин кој рече дека просечното време на престој на бегалец во камп изнесува 17 години, и тоа не е живеење туку е егзистирање без иднина.
-Потребни ни се нови форми на соработка за да ја претвориме оваа глобална бегалска криза во одржлива развојна можност. Во таа насока би сакал да го предложам коцептот на бегалски градови, истакна Калин велејќи дека тоа е долгорочно одржливо решение.
Претседателот на фондацијата додаде дека “треба да се потсетиме дека многу градови и земји во светот беа изградени од бегалци”, а како пример споменувајќи ги Америка и Канада.