Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека сириските курдски борци мора до вечер да ја напуштат пограничната зона во североисточна Сирија за Турција да ја запре воената офанзива.
Ердоган од турскиот парламент порача дека Анкара нема да попушти пред притисоците и оти ќе ја продолжи воената офанзива се додека турските сили не продрат на 30 до 35 километри на територијата на Сирија.
Тој ја повика меѓународната заедница да ја поддржи турската борба против курдските борци во Сирија, кои ги смета за терористи поради врските со бунтот на Курдите во Турција.
Цел на турската офанзива е создавање „безбедносна зона” во ширина од триесетина километри долж границата, со цел Турција да се раздвои од зоните во Сирија кои се под контрола на курдските сили.
– Наш предлог е веднаш, вечерва, сите терористи да го остават оружјето и опремата, да ги уништат своите упоришта и да се повлечат од безбедносната зона која ја одредивме, истакна турскиот претседател.
Ердоган истакна дека, кога ќе се утврди дека тоа е направено од градот Манбиџ до границата со Ирак, ќе биде завршена турската операција „Извор на мирот”, која, според него, е насочена само против терористи.