Екипата на ТВ-серијата „Фамилија Марковски“ предизвика голем интерес вчера кај учесниците на „Џифони Македонија“ во киното „Фросина“. Интересни прашања и коментари беа упатени до режисерот Даријан Пејовски и актерите Петар Петковски, Владимир Петровиќ, Силвија Стојановска, Сара Анастасовска и Јана Симоновска.
Пејовски објасни дека и во втората сезона фокусот ќе биде ставен врз петчленото семејство во кое секој на свој начин има борба во општеството и се труди да го направи подобро.
– Кога снимате прва сезона, никој нема вистински очекувања, но кога правите втора сезона, веќе имате некаква водилка и се трудите двојно повеќе за да ги направите поинтерсни. Епизодите се подолги, по 40 минути, има нови ликови. Во оваа сезона работевме повеќе на внатрешните проблеми во семејството. Во првата повеќе обрнавме внимание на општество, а сега повеќе на ликовите. Морам да признаам дека имаше моменти кога за малку и ќе се откажевме од втората сезона, ама за среќа, издржавме – рече Пејовски.
Џифонци имаа ексклузивна прилика да проследат дел од епизода од втората сезона на серијата. Беше прикажана епизода во која се зборува, меѓу другото, и за алкохолот и младите.
Младиот Петар Петковски кој го толкува Бојан, вели дека серијата позитивно му влијаела.
-Јас останав ист. Никогаш претходно не сум помислил дека ќе имам прилика да седам пред публика како вас и да разговарам. Со „Фамилија Марковски“ добив шанса и мислам дкеа добро се снајдов. Ми се допаѓа глумењето, сѐ уште не знам дали ќе продолжам во таа насока. Многу случајно влегов во ова, сестра ми одеше на часови по глума и таа ме измотивира да се појавам на аудиција за серијата и го направив тоа поради неа – вели Петар, кој е средношколец.
На прашањето, дали има сличности со ликот што го толкува, Петар категорично рече дека не го сака јутјуберството, што е страст на ликот Бојан.
За актерот Владимир Петковиќ оваа серија имала големо влијание, особено затоа што му бил прв ТВ-проект веднаш по дипломирањето.
– Имајќи предвид како се снима во Македонија, „Фамилија Марковски“ крена некои стандарди – вели Петровиќ.
Актерката Сара Анастасовска се појавува во втората сезона и е пресреќна на приликата да снима повеќе денови, оти тогаш вистински се учи.
Актерката Силвија Стојановска исткана:
-Прв пат во мојата кариера кога ја снимавме првата сезона го имав чувството дека екипата правиме голема работа. Кога го прочитав сценариото и кога видов дека оваа серија смени многу работи во нашето општество. Ќе продолжиме со тоа и во втората сезона.
Актерката Јана Симоновска истакна дека искуството што го имале заедно било прекрасно и различните генерации воопшто не правеле проблем.
Продуцент на серијата е Емилија Чочкова. Снимањето е завршено, а сѐ уште не се знае каде ќе се прикажува.
Големи пофалби џифонци добија од Јакобо Губитози, кој е претставник на „Џифони искуство“ од Италија. Тој најави дека фестивалот од наредната година, кога ќе одбележува јубилеј од 50 години, ќе го смени своето име и ќе се вика „Giffoni Opportunity“ – „Џифони можност“.
– „Џифони“ соработува со важни партнери како „Гугл“, „Касперски“, „Јутјуб“. Целта е сите овие соработки да ги донесеме и во Македонија. Задоволство ни е да ве видиме овде многу бројни, среќни, расположени. „Џифони“ не е само дружење и гледање филмови. Сакаме да помогнеме во разменета на искуства и запознавања на луѓе, нови култури и затоа го менуваме името. „Џифони“ ви се заблагодарува на љубовта што ја посветувате на фестивалот. Во Италија лани имавме 6.200 учесници од повеќе од 50 земји. Нашата цел е да успееме да донесеме уште повеќе луѓе и земји учесници – рече Губитози.
Тој им даде совет на младите:
Бидете активни и љубопитни, поставувајте прашања, затоа што благодарение на вашата активност, ќе бидат избрани 10-ина учесници што ќе ја претставуваат Македонија на следното издание на „Џифони можности“. Македонија има најголем број учесници во Италија, додека сите други земји имаат по 4-5. Ние ги обожаваме македонските учесници на Џифони, зашто се многу активни и елоквентни.
Џифонци вчера имаа и мастер-клас заедно со PMI Macedonia на тема „Проектен менаџмент – вештини за живот“.
Патувачката училница Una vita da social – Живот на социјалните мрежи денеска се наоѓа покрај Фонтана во Градски парк. Денеска во 13 часот ќе ја посетат и министрите за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, за внатрешни работи – Оливер Спасовски и за образование и наука, Арбер Адеми.
Денес џифонци ќе гласааат за најдобрите филмови на фестивалот. Ќе се одржи и мастер-клас на О2 иницијативата на тема „Јас, обичниот граѓанин, во борба против аерозагадувањето“.