Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) вечерва беше отворена изложба на икони на Дичо Зограф.
Изложбата се одржува по повод двестегодишнината од раѓањето на Дичо Зограф, а ќе биде отворена до 26 октомври.
Во Ликовниот салон на МАНУ поставени се 25 икони и десет репродукции, главно од црквите во Мала Река и Дебарско, од Тресонче, Росоки, Сенци, предмети од Бигорскиот манастир, како и икони од струшка Малесија, од Селци.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, истакна дека изложбата е посветена на една импозантна личност, на еден зограф, со неверојатна дарба и талент.
– Дичо Зограф е навистина своевиден феномен. Човек со неверојатна дарба и талент. Прво затоа што самиот бил голем мајстор за изработка на боите. Сам ги изработувал, боите, лаковите, пигментите, како и растворите за бои. Второ затоа што тој изработувал икони што се препознатливи со својата автентичност, оргиналност и со својот раскош и трето затоа што создал едно импозантно дело. Неверојатно за еден период што не траел ни цели три децении. Тој создал над 2.000 икони и над 10 фрескоансамбли. Тоа е големо дело. За толку кратко време тоа да се направи, што говори меѓудругото за неговиот талент. Можеби со голема леснотија ги правел иконите, меѓутоа ги правел со голем квалитет и да бидат оргинални и автентични и препознатливи, нагласи Таки Фити.
Имено, Димитар Крстев, или познат како Дичо Зограф е еден од најпознатите иконо и фреско-сликари на Балканот во 19-век. Во неговиот краток живот тој насликал повеќе од 2.000 икони за потребите на правоверските цркви, насекаде во Македонија, Србија и Грција. Творештвото на тресончанецот Дичо Зограф означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста. Дичо во своите икони владее со моделацијата. Во својата дејност тој систематски работи на нови иконостаси, ги обновува и дополнува постоечките, осликува одделни ѕидни површини со живопис и работи на цели ансамбли во новоизградените и доградените цркви и манастири. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите.