Во рамки на Меѓународната недела за борба против сиромаштијата, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со Душко Христов, од невладината „Банка за храна“ и директорот на ЈП „ПОЦ“, поделија пакети со прехранбени и хигиенски производи на семејства со висок социјален ризик.
Како дел од проектот “Нула Глад“, кој Општина Центар го спроведува во континуитет, заедно со невладината „Банка за храна“, градоначалникот Богдановиќ на 150 семјества со висок социјален ризик во општината им подели пакети со прехранбени производи. Оваа акција Општина Центар и „Банка за храна“ ја спроведувата со поддршка на маркетите Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го.
„Со овие пакети сакаме да покажеме дека се грижиме за оние наши сограѓани на кои сме им најпотребни. Во овој пакет се вклучени основни прехранбени производи: брашно, масло за јадење, млеко и млечни производи, супи, салами и други намирници, доволни за едно семејство полесно да може да го помине месецот. Проектот ‘Нула Глад’ заедно со Банката за храна го продолжуваме и наредниот месец, кога повторно ќе се сретнеме со нашите сограѓани “, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Во склоп на неделата на борба против сиромаштијата, дечињата и учителките од трите центарски градинки и нивните клонови: Раде Јовчевски Корчагин, Кочо Рацин и 13-ти Ноември, во текот на месец октомври собираа прехранбени и хигиенски производи, наменети за дечињата од семејства со висок социјален ризик од скопската населба Маџир Маало. Во име на нивните другарчиња од градинките, градоначалникот им ги врачи пакетите, посакувајќи им среќно и безгрижно детство.