Новата книга од авторот и професор Венко Андоновски со наслов „Достоевски и Мекдоналдс“ денеска излегува од печат. Оваа збирка есеи е напишана во препознатливиот стил на Андоновски низ кој провејува неговиот прониклив и (само)ироничен став кон работите, велат од издавачката куќа „Три“.
Низ петте поглавја, со наслов: Што е тоа бестселер, Тестирање на методот, Македонскиот роман, Македонска поезија и Рускиот роман денес, Венко Андоновски се обидува да одгатне што се случува со книжевноста денес кога за неа сè повеќе се зборува преку поимот бестселер. Нашите денешни автори се двоумат дали да ја продолжат својата богата (православна) книжевна традиција со вечните прашања за Бог, смислата на животот и љубовта, бесмртноста, локалните историски прашања и митолошките архетипови или да се свртат кон лесната и профитабилна светска кариера на таканаречените мекдоналдс или ready-made писатели.
„Книжевност е, значи, она што денес добро се продава како книга“, вели Андоновски. „И уште – според автоматизам (и, се разбира, погрешно) најпродаваната книга се смета за најдобра книга. Значи, сосема неосновано еден пазарен параметар се прогласува за естетски параметар. Замената на естетските со економски тези е дел од намерите на потрошувачкото општество, кое по секоја цена сака и уметноста да ја претвори во стока наменета за широка трговија. Книжевноста никогаш порано не била толку трговија колку што е денес.“
„Маестрален и оригинален, Венко Андоновски и во оваа книга плени со својата висока ерудиција, со едноставноста во изразот, но и со длабоката филозофска порака упатена кон овој наш глобален свет во кој дури и уметноста станува стока за широка потрошувачка за сметка на естетското во неа“, велат од „Три“.