Сириските демократски сили (СДФ) нема да ги предадат илјадниците затворени милитанти на Исламска држава (ИД) и нивните семејства на која било сила, вклучувајќи го и сирискиот режим, изјави командантот на СДФ, Мазлум Кобани Абди, доцна во средата, а пренесе курдската информативна мрежа „Рудоу“.
„Судбината на притворениците и семејствата на ИД е во наши раце. Ние ги уапсивме и ќе решиме за нивната судбина“, рече Абди за „ТВ Ронахи“, поврзана со СДФ.
Абди рече дека тие, исто така, нема да прифатат Турција или сирискиот режим да преземат контрола врз притворените лица од ИД дури и ако извршат инвазија во област под контрола на СДФ. СДФ во северна Сирија има приведени околу 12.000 осомничени борци на ИД меѓу кои и околу 2.000 странци. Исто така, има околу 70.000 членови на семејствата и поддржувачи на ИД кои се чуваат во кампови во регионот. Најмалку 750 милитанти поврзани со ИД избегаа од логорот „Аин Иса“ под контрола на СДФ откако Турците гранатираа област близу до кампот и притворениците предизвикаа немири. Постојат стравувања дека повеќе борци и поддржувачи на ИД би можеле да избегаат ако операцијата на Турција продолжи и фокусот на СДФ се пренасочи кон бојното поле.