Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери во рамки на последниот ден на 141. Собрание на Интерпарламентрната унија во Белград денеска се сретна со домаќинот на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија, претседателката на Народното собрание на Србија, Маја Гојковиќ. На средбата беа разменети информации за билатералните односи и актуелните случувања во двете земји, особено во врска со евроинтеграциите.
– Го начнавме прашањето околу односот на ЕУ кон новите членки кандидатки и направивме осврт за понатамошното однесување на ЕУ во понатамошниот период. Се согласивме дека треба да продолжат напорите за зачленување во ЕУ, но несфатливо е и за двете страни цврстиот став на Франција по однос на преговорите, прво да се направат реформите во ЕУ и понатаму да се продолжи со процесот на проширување, што е во спротивност со самиот извештај на ЕК за прогресот на земјите кандидати по односното прашање. Имавме заедничко мислење, тој напор да се направи да се отворат претпристапните преговори со кандидатите за членство за кои двата дена се дискутира во Брисел, изјави Џафери.
Според него, во рамки на ИПУ и на сесијите, Северна Македонија добила подршка за отвoрање на претпристапните преговори.
-Повеќето говорници, меѓу кои и од ЕУ, како што е претседателот на Националниот совет на Австрија –Соботка и преседателот на Парламентот на Словенија го истакнаа ова прашање дека треба да се надмине и да се отворат претпристапните преговори со ЕУ. Скопје го подржува дијалогот меѓу Белград и Приштина за изнаоѓање прифатливо решение за двете страни, изјави Џафери по средбата со Гојковиќ, додавајќи дека е разговарано и за отворањето нов граничен премин Лојане-Миратовац.
Соговорниците се согласија дека парламентарната дипломатија претставува значаен сегмент од секојдневното парламентарно работење и можност за промовирање на видливоста на парламентите надвор од границите на државата, но и можност за споделување на заеднички искуства и добри практики.
Во Белград вечерва е усвоена и Белградската декларацијаво на генералното собрание на ИПУ со што заврши со работата на 141. собрание на ИПУ на кое учествуваа 1.700 претставници од над 140 земји–членки на Интерпарламентарната унија и 70 претседатели на парламенти, меѓу кои беше и делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од претседателот Талат Џафери.