Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, објави дека САД и Турција постигнале договор за привремен прекин на огнот во Сирија. Пенс сподели информација за краткиот прекин на огнот во Анкара, по состанокот со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган , што траел цели пет часа.
Блумберг известува дека прекинот на огнот ќе трае 120 часа, за време на кои курдските борци треба да се повлечат од областа близу границата со Турција, каде Ердоган сака да воспостави таканаречена „безбедносна зона“ за да смести повеќе од еден милион сириски бегалци кои моментно се наоѓаат во кампови во Турција.
– Двете земји се обврзаа да го решат конфликтот мирно за да обезбедат мир и безбедност во пограничниот сириски регион. Исто така, тоа значи дека турската армија нема да го нападне градот Кобани, рече Пенс.
Потпретседателот на САД додаде и дека Турција и САД се „решени да ја поразат ИСИС во северна Сирија“, што вклучува договор за „координирање на нивните активности во однос на камповите и затворите лоцирани во претходно контролирани области на ИСИС“.
Непосредно пред објавата на Пенс, Трамп напиша на Твитер дека следат „одлични вести од Турција“, тврдејќи дека „милиони животи“ ќе бидат спасени.