Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по лидерската средба што вечерва се одржа во вилата „Водно” на иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, рече ќе следи обновата на државата и бескомпромисна работа со цел „Македонија да ја ставиме на брза лента”.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицковски рече дека не е разговарано за персоналните решенија за техничката влада.
– Немаше таква дискусија. За нас беше важен процесот на добивање термин за одржување на предвремени парламентарни избори. Персоналните прашања односно имињата на луѓето дополнително ќе ги предложиме. Битно е дека имаме нова реалност. Реалноста е дека на 3 јануари 2020 година ќе имаме нов технички премиер, ќе имаме нова техничка влада, а на 12 април 2020 ќе имаме победник на предвремените парламентарни избори, а тоа ќе биде, сигурен сум, Обновата за Македонија, рече Мицковски.
Во однос на промената на Изборниот модел, Мицковски не е оптимист дека ова прашање може да се реши за овие избори.
– Кога зборуваме за нов изборен законик, препораките што се на ОБСЕ/ОДИХР, сигурен сум дека во периодот којшто следува ќе бидат дел од новиот изборен законик кој ќе важи за следните избори. Доколку ме прашувате за ревидирање на изборниот модел, не сум оптимист дека нешто може по тоа прашање да се случи за овие избори. За некои следни, може, изјави Мицковски.
За пописот рече дека ставот на партијата е јасен, конзистентен и непроменет и оти според нив оваа статистичка операција треба да се одржи во 2021 година.