Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Титаник и „Тортура”, кои од СЈО ги презеде во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Минатите рочишта на двата предмети беа одложени. „Титаник” поради службени обврски на обвинителката, а „Тортура” поради болест на судијката.
Случајот „Титаник” се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. Досега се изведени околу 5.400 од над 5.900 материјални докази предложени од обвинителството.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник” се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Судењето за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година „Тортура” се наоѓа во доказна постапка. Предметот го води судијката Александра Ристевска, а застапник на обвинението е Љубомир Лапе.
Во „Тортура” заедно со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков обвинети се и поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата.
Обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Предметот го отвори СЈО во февруари минатата година, а во септември годинава го презеде во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.