Филип Темелковски, градоначалникот на Кисела Вода за 24 инфо вели дека во општината во која израснал и се развивал како личност и во која има голем број пријатели и роднини, реализирал бројни проекти преку кои се подобриле условите за живот на граѓаните. За себе вели дека од првиот ден откако е градончалник веднаш покренал иницијатива за подобри услови за децата и вработените во двете јавни детски градинки и во осумте основни училишта во негова надлежност. Слободното време го користи за прошетки во природа со синот и сопругата и засега не размислува дали ќе се кандидира за следниот мандат.
Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?
-Од почетокот на мојот градоначалнички мандат, во Кисела Вода, во општината во која израснав и се развивав како личност и во која имам голем број пријатели и роднини, реализирав бројни проекти преку кои се подобрија условите за живот на жителите.
Од првиот ден откако сум градончалник веднаш покренав иницијатива за подобри услови за децата и вработените во двете јавни детски градинки и во осумте основни училишта во наша надлежност. Изминатиов период многу работевме во таа насока. Од досега сработеното можам да кажам дека видно ги подобривме условите за престој на децата во објектите на ЈДГ „8 Март”, „Пеперутка 1 и 2″, лоцирани во населбата Драчево. Таму извршивме молерисување на ѕидна површина од 3200 м2, изработивме 250 м2 плафони од гипс картон, а во дел од просториите поставивме нови светилки со што го подобривме осветлувањето. Во истите објекти во план ни е и целосна реконтрукција на тоалетите за децата. Реконструктивни зафати извршивме и во ЈДГ „Весели Цветови”. Во еден од објетките на градинката, во „Сончоглед” извршивме целосна обнова на санитарните јазли, поставивме нов ламинат, оштетените креветчиња, плакари, столчиња и масички наменети за децата ги заменивме со нови. Во објектот извршено е и молерисување. Додека за дечињата кои поголемиот дел од денот престојуваат во објектите на „Весели Цветови”, за полесно потикнување на социоемоционалниот и психомоторен развој обезбедивме нови играчки и дидактички материјали. Дел и од останатите објекти на ЈДГ „8 Март” и „Весели Цветови” добија нови масички, плакари, столчиња, креветчиња, гардеробери, клупи, кујнска опрема, бела техника и дидактички материјал. Сакам да нагласам дека во сите објекти со цел да го заштитиме здравјето на децата од надворешното загадување на воздухот поставивме прочистувачи за воздух.
Кога сме кај децата сакам да додадам дека неодамна, во Министерството за финансии потпишав договор за реализација на проект за енергетска обнова на ЈДГ „Весели цветови”, објект „Мимоза”. На градинката „Мимоза” ќе поставиме фасада со термичка изолација, нови прозори и надворешни врати, нови олуци… Во внатрешниот дел на градинката ќе се постави плафонска изолација од стиропор. Со оваа обнова децата и вработените кои поголемиот дел од денот го поминуваат во објектот ќе добијат позатоплени простории, а градинката ќе заштеди и финансиски средства кои во иднина ќе ги пренамени во други цели. Покрај ова, постоечката ограда на градинката ќе се бојадиса. Условите во градинката ќе ги подобриме преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. Во периодот што следува ќе биде остварено уште едно мое ветување, а тоа е изградба на нова детска градинка во Кисела Вода, во урбаната заедница 11 „Октомври”. Истата ќе има капацитет да прими 180 деца, поделени во 6 простории од кои 2 јасли и 4 стандардни занимални за повозрасни деца. Градинката ќе ја изградиме со средстсва од буџетот на Општина Кисела Вода.
И жителите на Драчево ќе добијат нова градинка. Минатата година изработивме основен проект за изградба на нова градинка во населбата Драчево, по што аплициравме и добивме грант од Министерството за труд и социјална политика за зголемување на капацитетите на јавните детски градинки на нашата територија. Градинката која ќе се простира на површина од 600 квадратни метри ќе има капацитет да прими вкупно 125 деца, од кои 95 на возраст од 2 до 6 години и 30 деца до 2 годишна возраст.
Обновивме и поголем дел од училиштата во кои со години никој не направил ништо. Целосно реконструиравме дел од тоалетите во ООУ ,,Партенија Зографски”, во ООУ „Кузман Шапкарев”, а во соработката со општествено одговорната компанија „Цементарница УСЈЕ” АД Скопје во ООУ „Кузман Јосифовски Питу” извршивме целосна санација на 6 тоалети со по 3 кабини. Со ова 18 кабини добија нова санитарна опрема, канализациска, водоводна и електрична инсталација, нови подни и ѕидни плочки. Поради поголемиот број ученици во училиштето „Кузман Јосифовски Питу” една просторија преадаптиравме во училница. Во истата поставивме нов ламинат, нови прозори, нова електрична инсталација, 15 нови училишни клупи и 30 столчиња. Во дел од просториите на ова училиште извршено е молерисување, а поставени се и нови лед светилки. Во соработка со „Цементарница УСЈЕ”, во ООУ „Кирил Пејчиновиќ” поставивме нова термоенергетска фасада со што ученците добија потопли работни простории, а училиштето во текот на зимскиот период заштедува финансиски средства. Во училиштето направивме и други помали реконструктивни зафати.
Со реновирањето на спортските сали на училиштата: „Кирил Пејчиновиќ”, „Св. Климент Охридски” на учениците им овозможивме подобри услови за одржување на часовите по физичко. Преку нашата соработка со Амбасадата на НР Кина во ООУ „Рајко Жинзифов” изградена и пуштена во употреба е нова спортска сала.
Поддршка им даваме и на училиштето за деца и младинци со оштетен вид ДУРДМОВ „Димитар Влахов” и ПОУ „Д-р Златан Сремец”. Покрај тоа што овие специјални училишта не се во наша надлежност, но само затоа што се наоѓаат на територијата на општината постојано се залагам на овие деца согласно потребите на директорите, да им овозможиме подобри услови. Честопати со нив организираме заеднички спортски и забавни манифестации со цел да им го разубавиме детството. За потребите на дечињата од ПОУ „Д-р Златан Сремец” овозможивме непречено користење на спортските сали „Независна Македонија” и „Архиепископ Доситеј”.
Во сите месни и урбани заедници извршивме целосна обнова на детските и спортските игралишта. Истите редовно ги одржуваме и ги дополнуваме со нови реквизити и нова урбана опрема. Во дворот на ООУ ,,Партенија Зографски” и во паркот „Пушкин” направивме нови детски игралишта. Саниравме и поголем дел од постоечката урбана опрема.
Секоја година напролет и наесен спроведуваме акции за собирање на кабаст отпад , а вршиме и дератизација за уништување на глодачи. Редовно ги одржуваме парковите и чистотата на нашата територија.
Изминативме две години со цел да им излеземе во пресрет на семејствата кои имаат принова им доделивме над 700 ваучери. Паричната помош која им ја даваме е во висина од 6.000 денари за новороденче.
Со цел да спасиме нечиј живот заедно со Црвениот крст неколку пати годишно во просториите на Општината спроведуваме крводарителски акции.
Во соработка со УНДП во основните училишта во наша надлежност за децата со посебни потреби за полесно да ја усвојат наставната програма ангажиравме образовни лични асистенти.
Работиме и во насока на подобрување на инфраструктурата. Досега асфалтиравме повеќе улици. Нов асфалт доби патот кон населеното место Теферич во должина од 850 метри, ги закрпивме ударните дупки во Усје, асфалтиравме дел од „Студеничанска”, ја завршивме првата фаза од градежните активности на ул.„Христо Татарчев”, крак 22, а реконструиран е и регионалниот пат Јурумлери – Драчево. Целосна реконструкција извршена е на улицата „Антон Димитров”, поранешна „Жарко Зрењанин” во населбата Драчево, извршивме реконструкција на коловозот и тротоарите на ул.„Рилски конгрес”. Го санираме кракот на ул. „Славка Динкова” во населба Драчево, а партерно го уредивме просторот во културниот дом во село Драчево. Додека на краците 1, 2 и 3 на улицата Малешевска 1 поставивме бекатон. Улицата „Саса” 32 ја саниравме во должина од 1060 метри. Ја зголемивме и мрежата за атмосферски води и фекалната мрежа на улица Банско во Црниче. Минатиот месец, во должина од 800 метри и ширина од 7 метри целосно ја реконструиравме улицата „Бранко Заревски”, во населбата Драчево. Во тек се активности за реконструкција на ул. „Лазар Димитров” во населбата „11 Октомври„ во должина од 280 метри.
Неодмана, почнавме да ги обновуваме оштетените улици и во Пинтија. Таму градиме атмосферска канализација во должина од 560 метри, на неколку улици поставуваме асфалт, а градиме и нова пристапна улица од павер елементи. На улиците во населбата Пржино градиме нова атмосферска канализација во должина од 5200 метри, со што подобрени услови за живот ќе имаат околу 3500 жители на општината. Средствата за овие два големи проекти, за подобрување на инфраструктурата во овој дел од населбата ги обезбедивме преку Проектот за подобрување на општинските услуги, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска Банка.
Во соработка со нашето јавно претпријатие за стопанисување со спортски сали и објекти, целосно ја реновиравме спортската сала „Независна Македонија”. Со ова подобри услови за спортување добија учениците, кои во салата ги одигруваат училишните напревари, натпреварувачите на меѓународни турнири, а и одбојкарските и кошаркарски клубови од македонските први лиги.
За подигнување и омасовување на спортот во општината на моја иницијатива втора година по ред доделуваме материјална поддршка на спортските клубови, здруженија и институции кои придонесуваат за развојот на спортот и физичката култура кај децата и младите на нашата територија.
Со цел да им овозможиме на Заедниците на сопственици или Управители на станбени згради за колективно домување да имаат потопли домови, а и да заштедат финансиски средства, во соработка со Здружението за хумано домување Хабитат-Македонија спроведуваме проект за „енергетски ефикасни домови”.
Во соработка со Министерството за внатрешни работи спроведовме неколку заеднички акции за подигнување на свеста кај учесниците во сообраќајот и кај граѓаните за заштита од кражби, од пожари и слично. Одлична соработка имаме и со Агенцијата за спорт и млади. Со нив спроведовме заеднички активности за доближување на младите до спортот. Правиме се да го развиеме спортот во нашата општина. Го развивме шахот, кошарката, одбојката, футсалот, а ги мотивираме и лицата со попреченост да спортуваат.
Вложуваме максимални напори да имаме чиста и убаво уредена општина, за таа цел нашите сезонски работници секојдневно се на терен и активно работат во исполнување на целите. На повеќе локации на нашата територија засадивме повеќе висококвалитетни дрвја, кои ги разубавија парковите, а делуваат и на намалувањето на аерозагадувањето. Од површини на кои често граѓаните создаваа диви депони направивме нови зелени паркови во Драчево, од кои едниот го уредивме со нова урбана опрема и сега жителите го користат за одмор и рекреација.
Во делот на културата организираме и културно лето на кое граѓаните во текот на летниот период имаа можност да ги слушнат нашите најквалитетни изведувачи. Оваа година со рекордна посетеност на концертите, „Културното лето Општина Кисела Вода 2019″ се одржа на разни локации во Кисела Вода.
Со цел да ги подобриме услугите на граѓаните набавивме ново товарно возило – кипер. Средствата за набавката ги обезбедивме од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој преку програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година и од буџетот на Општина Кисела Вода.
Во овие неполни две години од мојот мандат, во интерес на општината остварив работни средби со повеќе амбасадори, владини претставници, министри, директори и градоначалници.
На почетокот на оваа година, во јануари престојував во работна посета на Соединетите Американски Држави каде се стекнав со многу знаење и нови искуства, кои многу ми помагаат во градењето на подобар живот на граѓаните. Во САД остварив средби со сенаторите на Оклахома Кеј Флојд од Демократската партија и Роб Стандриџ од Републиканската партија. Сенаторите ме запознаа со функционирањето на нивните институции, со степенот на децентрализација, работењето на Федералната Влада, Државниот Сенат, гувернерите и градоначалниците. Во Калифорнија работни состаноци имав и со претставниците на најголемите корпорации, стартапи, тинк-тенк организации и бизнис инкубатори ( Google, Plug&Play Tech, Denmark Tech Ambassador, Bay Area urban security Initiative и Bay Area Council Economic Institute). Бев во посета и на најголемите фондации и истражувачки центри( Institute of International Education, The Brookings Institute, Center for International and Strategic Studies, Heritage Foundation). Таму со луѓето кои ја креираат надворешната политика во Вашингтон, и со група млади лидери од цела Европа дискутиравме за актуелните геополитички случувања.
Секојдневно разговарам со жителите, ги слушам проблемите со кои се соочуваат во нивните населени места и за истите секогаш вложувам максимални напори да изнајдеме решенија согласно можностите.
Каква е соработката со централната власт?
-Во реализацијата на проекти за подобро утро на нашите граѓани ние како Општина одлична соработка имаме со централната власт, со Владата на Република Северна Македонија, со Градот Скопје и останатите општини.
Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?
-Покрај големите работни обврски кои понекогаш бараат целодневен работен ангажман, слободното време секогаш го користам во прошетки во природа со синот и сопругата. Одвојувам време и за моите внуци, блиски роднини и пријатели.
Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?
Имам уште многу проекти за реализација до крајот на мојот мандат, одсега за кандидатура не размислувам. Најважно од се ми е позитивно да решиме поголем дел од проблемите и барањата на граѓаните, а и успешно да ги реализирам ветените проекти.
Валентина Ангеловска
Фото: Слободан Ѓуриќ