Горан Пандев одговори на провокацијата од Дарко Панчев и коментарите дека Македонија загубила и од Андора со популарниот „Гоче“ во тимот.
Панчев во разговор со „Франкфуртер Алемајне Цајтунг“ ги коментираше случувањата откако „црвено-жолтите“ ја изненадија Италија во баражот за мундијалот во Катар, беа на еден меч до Светско Првенство, но Португалија ни го урна сонот за најголемото натпреварување.
Во своето видување како треба да работи Фудбалската федерација на Македонија во иднина, и да му даде нов долгогодишен договор на Боби Милевски, популарната „кобра“ испрати провокација до Горан Пандев, велејќи дека со него во тимот Македонија изборила историски успех и Европско првенство, но исто така загубила и од Андора.
На ова следеше и реакција од струмичанецот. Пандев во разговор за „Фокус“ реши да ја искоментира на Дарко Панчев.
„Немам посебен коментар. Се гледа дека нему му е мака што Македонија играше на ЕП и бараж за СП. Овие момци изгинаа 180 минути во баражот и секоја чест за тоа. Македонија заслужи да оди на СП, но тоа ќе се достигне во следните години. Јас пред три години кажав дека оваа генерација на репрезентацијата е најдобра во историјата, кажа Пандев.