Македонскиот селектор Благоја Милевски порача дека без оглед на поразот на Македонија од Португалија и неостварениот сон за пласман на Мундијалот, цела Македонија треба да биде горда на овие фудбалери и незаборавниот квалификациски циклус во кој ги победивме двата најтрофејни европски великани во светски рамки.
Македонија загуби со 0-2 по две грешки кои немилосрдно ги казнија Португалците преку една од своите безбројни ѕвезди, Бруно Фернандеш, па Милевски посочи дека таквите грешки се составен дел од фудбалот.
„Треба сите да сме горди на овие момци! Посебно за периодот од септември до денеска, зашто во нив носат голем потенцијал и талент и на добар пат се да се приближат до најдобрите во Европа. Јас сум задоволен и горд на овие фудбалери, а жалам што примивме голови кога бевме доминантни. Сепак, грешките се составен дел од играта, но ние не отстапивме од организираноста на тимот. Мислам дека бевме достоен ривал и само вакви мечеви како овој во Порто и тој во Палермо може да ни помогнат да се доближиме до врвот. Овој пораз само може да нѐ мотивира“, рече Милевски.
Македонскиот селектор ѝ честиташе на Португалија, но призна дека физички селекцијата не можела да истрпи два тешки меча, после емотивното и физичко празнење во Палермо, кога беше елиминиран европскиот првак.
„Ние сме поразлична селекција од Турција, па затоа мечот беше поинаков, но после одиграното со Италија бевме исцрпени и знаев дека физички не можеме да се носиме со Португалците, па свесно сакавме да ги оддалечиме од голот, но…“, додаде Милевски.