Напаѓачот на францускиот фудбалски првак Пари Сен-Жермен, Килјан Мбапе, по гостинската победа (5:0) против Клуб Бриж во 3. коло од групната фаза во Лигата на шампионите, истакна дека повредата која го измачуваше е целосно санирана. Младиот француски напаѓач постигна три гола и направи асистенција, иако на средбата влезе како замена во 52. минута.
– Сакав да играм уште од првата минута. Мислев дека ќе биде така, но тренерот го направи својот избор, а јас тоа морам да го почитувам. Сакав да покажам дека без мене е многу потешко, отколку со мене. Останатите направија добра работа во мое отсуство, но морам да се борам за место во првиот тим. Поминаа два месеца откако го одиграв последниот целосен натпревар. Секогаш е убаво да се вратите. Сакам да играм на секој натпревар, да постигнам голови. Повредата е веќе минато, таа е целосно залечена, рече Мбапе.
ПСЖ има максимални три победи по првите три кола во групната фаза од Лигата на шампионите.