Остри осуди на француското вето на самитот на ЕУ и барање грешката во најкус можен рок да се исправи, изразија вечерва пратениците во Европскиот парламент. Крајната десница и популистите го поддржуваат Макрон, пренесува „Дојче Веле“.
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од групата на Европската народна партија, ја осуди одлуката на Европскиот совет, но и се пожали на бавната имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Поддршка на ветото на францускиот претседател му дадоа неговите сонародници, Жордан Барела, Доминик Билд и Стефан Сежурне од групацијата Обнова на Европа.
Ана Бонфриско од италијанската Северна Лига, предупреди дека „во БиХ, Албанија и Косово мнозинското население се муслимани, додека во Македонија нивната бројка изнесува речиси 30 проценти“. Според неа, на такви земји не им е местото во ЕУ и побара да им се понудат алтернативи.
За резолуцијата; со која се искажува длабоко жалење поради блокадата на почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија на самитот на ЕУ, и од новата Европска комисија се бара веднаш да се зафати со темата за проширувањето; пратениците во Европскиот парламент ќе гласаат утре.