Од објективна проценка на агенда, се премина на награда за постигнат договор, па така од фундаменталните апсекти се соочивме со прашања од геополитичка гледна точка. Вака францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние ја коментира блокадата за почетокот на преговорите со Европската Унија.
„Тоа не беше француската гледна точка. Преспанскиот договор можеби е предуслов, но евроспката агенда е друго прашање. Тоа беше секогаш јасно кај француската страна и таа беше пренесена кај грчките и македонските соговорници. Не значи дека тоа не е важно, но имаше чудно преместување на критериумите кое повеќе беше маркетинг, можам да ги разберам емоциите, можам да го почувствувам разочарувањето, но ова се политички разговори за иднината на ЕУ“, изјави Тимоние.
Тој рече дека откако ги наминавме емоциите треба да размислуваме во шаховска игра за она што ќе следи потоа.
„Треба да размислуваме на иднината, по една епизода која најверојатно донесе големо разочарување, но е време за да се постават вистински прашања за иднината на земјава и како повторно да се најдеме на ЕУ патот на конструктивен начин“, изјави Тимоние.
Дали сте свесни Франција што предизвика во земјава, го запрашаа новинарите францускиот амбасадор кој одговори дека тоа е широка тема затоа што ги следеле сите реакции, а првата била разочарувањето.
„Отсекогаш сме биле мошне претпазливи и реални. Одредени земји дадоа ветувања и потоа ја префлија одговорноста на другите, сега и тие треба да ја сносат одговорноста. Во јуни минатата година Бундестагот не беше подготвен, а требаше да се разговара за реалната состојба на рефомите. Потоа мистериозно во текот на целото лето се подигнаа очекувањата дека одлуката ќе биде компензација на Преспанскиот договор, а потоа се сменија перспективите“, рече Тимоние.
Амбасадорот ги спомена и разговорите за брегзитот и финансиските прашања за кои преговара Унијата, коментирајќи дека сето тоа има влијание во однос на прашањето за проширувањето.
Има разделеност помеѓу очекувањата и она што се наоѓа на маса во Брисел, вели Тимоние. Треба да извлечеме поука од ова и француските власти, но и сите други кои можеби поради невнимание дале надежи како да се веќе остварени.
„Ова е само една од етапите, која беше разочарувачка“, рече Тимоние.