Денеска продолжуваат фудбалските возбудувања со натпреварите од 3. коло во 12. групи од второто по ранг клупско натпреварување Лига Европа. Еден од натпреварите кој го привлекува вниманието во регионов е гостувањето на англискиот Манчестер јунајтед во Белград кај Партизан.
Двете екипи во Ј групата по две кола се водечки со по 4 бода. Нивната пресметека ќе го наполни стадионот на Партизан (познат како ЈНА), а Англичаните кои неодмана како репрезентација имаа непријатно исксутво на гостувањето во Софија, поради изливите на расизам, стравуваат дека можат да им се репризираат непријатните сцени. Ако доживеаат такво понижување, од редовите на Манчестер јунајтед потсетуваат дека можно е натпреварот предвреме да заврши.
-По тоа што се случи во Бугарија, разговаравме со играчите. Запознаени сме со протоколот во такви ситуации, а ние ќе го почитуваме. Сепак, верувам во добрите луѓе во Србија и очекувам атмосферата да биде фантастична и дека ќе биде вистинска прослава на фудбалот, вели Оле Гунар Солскјер, тренерот на Манчестер.
Хери Мегваер, бранителот во англискит тим беше еден од оние кои во Софија ги слушаше расистичките извици.
-Тоа што се случи во Софија е ужасно и никако не смее да се повтори. Тука сме да уживаме во фудбалот. Ако има такви работи, протоколот на УЕФА вели дека има три чекори и ние ќе постапиме според нив, додава Мегваер.
Според УЕФА, доколку има расистички испади од трибините, најпрво навивачите ќе бидат јавно опоменати. Доколку продолжат навредите, играчите ќе се повлекуваат во соблекувалната и вторпат навивачите јавно ќе бидат опоменати. Ако и ова предупредување не биде почитувано, третата работе е прекин на мечот од страна на судијата.