Фудбалската репрезентација на Канада го прекина 36-годишниот пост и ќе настапи на Светското првенство во Катар по победата од 4:0 над Јамајка во претпоследното коло од квалификациите во Конкакаф зоната.
Канада е лидер на табелата со 28 бода, пред Мексико и САД кои имаат три бода помалку, а Костарика е четврта со 22 бода и математички си обезбеди една од првите три позиции на табелата.
Последен пат Канада на СП настапи 1986 година во Мексико, а сега визата за Катар ја обезбеди со осум победи, четири ремија и само еден пораз во 13 квалификациски натпревари и импресивна гол разлика 23:6.
Последна жртва на Канаѓаните беше Јамајка која е совладана со 4:0. Гол серијата ја отвори Кајл Ларин во 13. минута, а Тејџон Бјукенон во финишот од првиот дел ја удвои предноста. Во вториот дел, Канаѓаните дадоа уште два гола и тоа преку Џуниот Холиет во 83. и Адријан Маријапа во 88. минута.
На чекор до обезбедување пласман на Мундијалот во Катар се наоѓаат и Мексико и САД како преостанати две селекции покрај Канада од квалифакциите во Конкакаф зоната.
САД со 5:1 ја победи Панама, додека Мексико како гостин со 1:0 славеше над Хондурас.
Костарика која е четврта на табелата со 22 бода, со победа над САД со шест или повеќе гола разлика може да ги престигне на табелата, во спротивно ќе игра во баражот.