Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека ексхумацијата на шпанскиот диктатор генерал Франсиско Франко „претставува крај на моралниот судир со глорифицирањето на диктаторот на јавно место”.
Санчез рече дека сега е неопходно да се почне постапка за идентификација на илјадници жртви на Франко, кои исто така се погребани во мавзолејот.
– Тоа е срамота која мора да се поправи, рече тој.
Посмртните останки на Франко денеска беа ексхумирани и погребани на гробиштата Ел Пардо во близина на Мадрид каде што почива неговата сопруга.
Семејството на Франко си замина од гробиштата по закопот.
Медиумите не ја следеа ексхумацијата, а присуствува 22 наследници на Франко, свештеник, форензичар и шпанската министерка за правда Долорес Делгадо.
Постапката за ексхумација беше одобрена откако шпанскиот Врховен суд неодамна ги одби приговорите од членовите на семејството на Франко.
Почивалиштето на Франко со децении предизвикуваше полемики во Шпанија. Тој беше погребан во мавзолејот Долина на паднатите, што за многумина е споменик што го слави фашизмот, додека припадниците на ултрадесницата го сметаат за светилиште. Дел од мавзолејот е изграден од политички затвореници, кои режимот на Франко ги казнуваше со принудна работа.
Франко е роден во 1892 година во Галиција во војничко семејство, а во 20-тите години од минатиот век стана најмладиот шпански генерал. По победата на левичарскиот Народен фронт во 1936 година, Франко и други генерали организираа воен удар, што прерасна во тригодишна граѓанска војна. Франко победи во Шпанската граѓанска војна со помош на нацистичка Германија и Италија на Мусолини. Тој по победата во граѓанската војна во 1939 година воспостави диктатура и се прогласи за претседател на Шпанија. Генерал Франко остана на власт се до неговата смрт во 1975 година.