Жител на Хонгконг ја убил својата девојка на Тајван и признал вина. Но, тој е на слобода затоа што ако Хонгконг го екстрадира на Тајван, тоа ќе значи дека го признава островот како независна држава која не е дел од Кина.
Вчера попладне Чан Тонг Каи го напуштил затворот „Клирвотер Беј Род“ во Хонгконг како слободен човек. Овој 29-годишник поминал 29 месеци во затвор за перење пари, пишува „Дојче веле“. Меѓутоа, тој признал поголемо злосторство – убиство. Но, имајќи предвид дека го извршил на Тајван, тој нема да одговара.
Причината се специјалните односи меѓу Хонгконг и Тајван. Хонгконг официјално ѝ припаѓа на Кина, но во правосудството ужива посебни права. Со тоа е исклучена можноста за ектрадиција на криминалци на Народна Република Кина, Макао или Тајван.
Тајван, која е прогласена за независна држава, иако фактички е независна од Кина, е изолирана на светската дипломатска сцена. Ако Тајван успее да се договори со Хонгконг за екстрадиција на Чан Тонг Каи, тоа би било дипломатски успех за владата во Тајпеј. Тоа би значело дека се работи за официјален договор меѓу две суверени држави – Кина и Тајван.
Чан со својата девојка Пун Хиу Винг во февруари лани бил на одмор на Тајван. Тие биле кратко време во врска. Кога Чан дознал дека Пун е бремена од нејзиното поранешно момче, ја задавил од љубомора. Тој го скрил нејзиното тело во куфер и го оставил во парк.
Чан се вратил во Хонгконг. Го издале трансакциите што ги вршел со картичката на Пун. Нејзините родители пријавиле дека е исчезната, а на сослушувањето Чен го признал убиството и кажал каде е скриено нејзиното тело.
Властите на Тајван трипати поднеле барање за екстрадиција, иако знаеле дека Хонгконг нема да одобри. Тамошниот закон забранува екстрадиција на жители на Хонгконг на кинеска територија надвор од Хонгконг.
Досега оваа поранешна британска колонија, која во 1997 година ѝ е вратена на Кина, има договор за екстрадиција со 20 држави.
На крајот Чен бил осуден на затвор за перење пари и за злоупотреба на туѓа картичка. За убиството не му е судено затоа што не е извршено на територијата на Хонгконг.