Огњановски за МИА: Корупцијата во фокусот на петтата сезона на Фчерашни, никој нема да биде поштеден

Корупцијата ќе биде во фокусот на петтата сезона на Фчерашни новости – емисија што на интересен и забавен начин, преку хумор, сатира и исмејување ги критикува носителите на власта во државата, но и секојдневните општествени збиднувања. Во новата сезона, како што вели во интервјуто за МИА главниот и одговорен уредник на емисијата Бранко Огњановски, ќе се третираат сите проблеми во секојдневното живеење, но сепак најмногу ќе се разобличува корупцијата, како „рана што одамна ни се гледа”.

Станува збор за емисија што го зазема високото место на популарност во земјава. Изминаа четири сезони, кои гледачите со задоволство ги прогласија за успешни. Огњановски во интервју за МИА е дециден дека и во новата сезона нема да штедат никого. Проверен рецепт за нив е традиција, но сепак вели дека во однос на претходните сезони, петтата ќе ја почнат со некои новости. Тоа значи дека покрај класичниот формат на вести, ќе имаат и други новитети што планираат да ги разработат. Во однос на тимот на Фчерашни, Огњановски вели дека во новата сезона ќе има и нови ликови, но ќе има и еден посебен дел посветен на новинарството и многу други новости за кои не открива многу затоа што, како што вели, останува на гледачите да ги видат.

Фчерашни новости сезона 5, ќе има?

– Да, ќе има петта сезона. По 120 снимени епизоди, продолжуваме со петтата сезона. Првата епизода од петтата сезона ќе почне в недела, 27 октомври, во 19:30 часот на телевизијата Канал 5, како и минатата сезона.

Останувате на стариот проверен рецепт или ќе има промени?

– Проверен рецепт е традиција кај нас, така што сега малку ќе измешаме. Покрај тоа што ќе оди оној класичен формат на вести, ќе имаме еден новитет што оваа редакција што ја имавме пред тоа ќе се обидеме малку да ја разработиме, односно да ѕирнеме под хаубата на Фчерашни. Практично, да видиме каков е моторот. Тоа значи да се запознаеме со тие карактери што практично ќе учествуваат во вестите, да видиме што им се случува приватно, каде припаѓаат, но и какви проблеми имаат, како се прават вестите. Тоа значи дека ќе се обидеме да внесеме еден новитет. Тоа е отприлика пред вестите. Во тој период ќе има некои десетина минути играна програма каде што ќе се обидеме да доловиме многу работи, кои на гледачите се надевам ќе им се допаднат.

Секоја сезона се навикнуваме да има нови ликови, ќе има ли и оваа?

– Па добро, ако сте навикнати, ќе треба да се одвикнете малку. Нови ликови ќе има, ние да речеме сега сезоната ќе ја почнеме со аудиција. Практично, цело време ќе имаме отворена аудиција за нови ликови во Фчерашни. Тоа ќе биде и еден сегмент од емисијата, но, за жал, поради буџетските отежнувања, односно елиминираниот буџет, не можевме сите ликови да ги вклучиме повторно, така што ликовите што ќе се појавуваат малку повеќе ќе бидат позастапени. Тоа значи дека нема да ги гледате истите ликови, има некои старо-нови, но ќе има и нови. Како и да е, ќе видите самите во текот на емисијата. Во секој случај, корот на тимот е горе-долу тој.

Ќе ни откриете ли некоја од темите што ќе ги гледаме следната сезона? Дали повторно ќе ја има онаа добро позната критика кон општеството и власта?

– Па, реално, мислам да. Темите ќе бидат оние што и класичните вести ги обработуваат, односно секојдневието со кое сите сме опкружени. Со самото тоа што нашата емисија практично, на некој начин вестите ги прикажува како во огледало, односно обратно се прикажани, сè што ќе биде застапено, сите проблеми од секојдневното живеење ќе бидат третирани и во нашата емисија. Посебен фокус ќе имаме на корупцијата и тој дел од општеството. Тоа ни е, да речеме, некоја рана што одамна ни се гледа. Меѓутоа, сите теми ќе бидат застапени. И нема да штедиме никого. Секако, одговорни секогаш за состојбите се луѓето од власта, луѓето што се одговорни за политиките што ги креираат, но и опозицијата, практично секојдневното живеење. Сите ќе бидат во фокусот.

Ни откривте дека ќе има дел посветен на „редакција”, односно на „новинарството” во Фчерашни. Дали тоа значи дека ќе се борите и против тоа како, особено во последно време, се создаваат вестите, против лажните вести и дезинформациите?

– Па, да речеме дека ние ќе се бориме. Ќе се бориме, меѓутоа ние сме мал сегмент. Ние барем се декларираме дека сме лажни вести и не знам, практично треба сами против себе да се бориме. Но, секако, тоа е еден од фокусите што ќе ги обработуваме.

Омилен лик ни е Душан Петровски, дечкото што го глуми Менде Гибнатио и Алфа од Алфа и Буби. Ќе го гледаме ли во следната епизода?

– Како да не го гледате, па Душан Петровски е носечки лик во серијата. Да бидете горди што ќе го гледате и со задоволство да го гледате. Оваа сезона тој ќе биде еден од репортерите што ги играше Менде Гибнатио, така што покрај ликовите што ќе ги толкува во оние играни делови, ќе има и една значајна улога на еден репортер што од битолски крај кариерата ја продолжил во Скопје и ќе биде многу горд со неговите стории што ќе ги работи. Да ги поздравам вашите гледачи и да им повторам дека в недела почнуваме со првата епизода на Канал 5 во 19:30 часот.

Треба да знаете
Последни објави